Ное. 2019: Триесет здруженија и активистички групи од цела Македонија застанаа зад барањата собрани во т.н. „Зелена книга“ кои се повод за Маршот за чист воздух – Зелена револуција што ќе се одржи денес, 29.11.2019 г., а ќе почне во 17 ч. пред Министерството за животна средина и пред Влада ќе биде во 18 ч.
Ние, активистите, бараме исполнување на барањата кои се плод на долгогодишна граѓанска активност и иницијативи за подобрување и решавање на многубројните проблеми со загадување и уништување на просторот во кој живееме во нашата земја.
Барањата се остварливи, конкретни, со рокови и одбрани после темелна анализа, затоа очекуваме посветеност и сериозно внимание за секое од нив. Несфатлива е инертност кога се во прашање 3.500 животи на наши сограѓани секоја година и пораст на тешки канцерогени заболувања.
Затоа БАРАМЕ ИСПОЛНУВАЊЕ на сите точки за активниот граѓански сектор да не биде принуден револтот да го подигне на друго ниво и да премине во граѓанска непослушност и повик за бојкот на претстојните избори, затоа што е премината секоја граница на толеранција по долгогодишни институционални борби.
Конкретни барања на Охрид ЅОЅ за регионот се следниве:
- Владата на РМ, Министерството за култура, Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Охрид, Општина Струга и Општина Дебрца доследно да ги спроведат сите 19 обврзувачки препораки од Реактивната мисија на УНЕСКО со цел да се спречи понатамошна деградација на исклучителната универзална вредност на подрачјето, да се обезбеди соодветна заштита и да се придонесе за унапредување на состојбата на единствениот македонски УНЕСКО Регион.
Рок: февруари 2020 г. - Поради докажаната улога на блатата во редуцирање на негативните ефекти од глобалното затоплување/климатските промени Министерството за животна средина и просторно планирање итно да ја поднесе веќе изготвената апликација за прогласување на Охридското Езеро и Студенчишко Блато за Рамсар локација до Рамсарскиот секретаријат со што Езерото и Блатото ќе добијат уште една заштитна бариера.
Рок: декември 2019 г. - Владата на РМ приоритетно да обезбеди средства за целосна санација на целокупниот колекторски систем, цевководот, пумпните и прочистителните станици според направената студија на ЏИКА (JICA) и доизградба на истиот на целата територија околу езерото со прекугранична соработка со Албанија.
Рок: декември 2019 г./декември 2020 г. - Да се прогласат заштитени зони во Охридското Езеро втемелени на научни сознанија. Да се назначат дополнителни сезонски заштитени зони во Езерото и крајбрежјето во текот на сезоните на мрестење/гнездење особено на рибите/птиците и за други значајни видови.
Рок: веднаш/јуни 2020 г. - Да се утврди штетното влијание на пловните објекти и да се спроведуваат редовни контроли на големите пловни возила. Итно да се отстранат сите пловни објекти за кои ќе се утврди дека имааат големо штетно влијание врз Охридското Езеро.
Рок: март 2020 г. - Никакви отстапки за легализација на дивоградби во заштитен појас од 50 метри од највисокиот водостој на Охридското Езеро во последните 50 години.
Рок: веднаш. - Да се усвои Стратегија за развој на туризмот на охридскиот регион според принципите на одржлив и паметен развој кои нема да ја компромитираат заштитата на животната средина.
Рок: веднаш/јуни 2020 г.
Маршот е граѓански, мирен, натпартиски, мултикултурен. Се оградуваме од секакви политички влијанија, секој е добредојден, но без партиски обележја. Оваa заедничка платформа е само почеток и е производ на сите облици на граѓански активизам од годините наназад, поединечен или организиран, сплотен со младешката енергија на оние за кои ова го бараме, за нашата иднина!
Здружени граѓански организации и иницијативи:
Fridays For Future Skopje, O2 Иницијатива, Не Биди Ѓубре, Скопје Смог Аларм, Мој Воздух, Движење за чист воздух, Го Сакам Водно, Билка, Levizja Nena dhe Femija / Движење Мајкa и Дете, Битола сака чист воздух, Eco Guerilla, Група граѓани од Визбегово, Скопје бара чист воздух, Здрава Котлина, Еко Долина, Младите од Иловица и Штука, Е.Д.Е.Н., Охрид SOS, Struganët për Strugën / Стружани за Струга, Шепасти ентузијасти, Дејзи Фемили
Иницијативи кои ги поддржуваат барањата, но не и бојкотот на избори и граѓанска непослушност:
ЕкоКарпош 3,2,1, Ние сме Карпош 4, Плоштад Слобода, Здравје пред профит во Центар, Shoqata ekologjike GvEko / Еколошко здружение ГвЕко / Ekoloji dernegi GvEko, Анима Мунди, Young Friends of the Earth Macedonia, Екоскоп