КОМЕНТАРИ ПО АНЕКСОТ НА НАЦРТ-ВЕРЗИЈАТА НА СОЖС ЗА ПРЕДЛОГ-ИЗМЕНИТЕ НА ПЛАНОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО НП ГАЛИЧИЦА 2011-2020

Ве известуваме дека граѓанската иницијатива Охрид SOS во соработка со Здружението за заштита на животни и животна средина „ЕДЕН“ испрати коментари со свои забелешки до Националниот парк Галичица. Целосниот текст од коментарите во продолжение.

Забелешки во врска со одржувањето на расправата

Најпрво би сакале да го потенцирамe прекршувањето на начелата од Архуската конвенција со која се гарантира ефикасно и делотворно вклучување на јавноста. Конвенцијата со одржувањето на расправата беше прекршена на неколку начина:

1. Со датумот избран за нејзино организирање (период на празници во нашата земја).
2. Со јавната недостапност на документите потребни за нејзино одржување (со законскиот рок се предвидува минимум 15 дена увид во документите, за жал, документите за оваа јавна расправа беа првпат достапни едвај една седмица пред нејзиното одржување). Освен тоа, англиската и македонската верзија од Анексот не соодветствуваат, што значи дека македонската јавност што не зборува англиски нема да добие огромен дел од информациите кои се содржат во англиската верзија од документот, а недостасуваат во македонската.
3. Ова е веќе петта по ред расправа за истиот документ. Јавноста ја поздрави првичната Стратегиска оцена на животната средина (СОЖС) каде што во над 90% од заклучоците беше воочено штетното влијание од предвидените проекти и се препорачуваше нивно избегнување. Но, со тн. „подобрување на квалитетот на извештајот“ се дојде до СОЖС во која реализацијата на најголемиот дел од проектите е оправдана, а за неутрализирање на неизбежното штетно влијание врз природата се препорачуваат тн. off-set мерки. Ова нè наведува на фактот дека јавноста е вклучена само pro forma во донесувањето на одлуките и нејзиното противење на овие непотребни и штетни проекти кои ќе имаат исклучиво неповратно-негативни последици по Националниот парк не е на ниеден начин земено предвид.
4. На расправата немаше присутни претставници од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), што на присутните граѓани не им го овозможи загарантираниот пристап до информации што се предвидува со Конвенцијата, бидејќи прашањата наменети за ЕБОР не можеше да ги одговори ниеден од одржувачите на расправата.

Одредени проблеми, како што се: неколкудневната нефункционалност на официјалната страница на ЈУНП Галичица токму во периодот кога течеше рокот за доставување на коментарите од јавноста со што се оневозможи секаков пристап до документите врз чија основа треба да се конципираат коментарите; очигледното таргетирање на еденод најистакнатите членови на Охрид ЅОЅ; континуираната тврдоглавост од ваша страна кон валидната загриженост за животната средина од страна на нашата Иницијатива; константното нефункционирање на опцијата за верзија на англиски јазик на веб-страницата на НП Галичица; и одлуката јавно да се известува за расправа која се однесува на УНЕСКО Биосференрезерват во мултиетничка земја единствено на еден јазик (македонски) и тоа на релативно слабо посетуван локален медиум (Охрид Њуз) –укажуваат на тоа дека се манипулира со процесот за јавни консултации и објавување на информациите со цел да се исклучат гласовите на они кои не се согласуваат.
Од сè горенаведено природно се наметнуваат следниве прашања:
– Дали пречките во процесот на јавни консултации укажуваат дека одлуките за петте проекти се веќе донесени, и уште повеќе, дека целиот процес на усвојување на Стратегиска оцена на животната средина е само обичентеатарбез никаква искрена загриженост за биодиверзитетот во регионот Охрид-Преспа,наменет занезаинтересираниот дел од јавноста?
– Дали веб-порталот Ohrid Newse навистина соодветен канал за информирање на јавностаза одржувањето на јавна расправа која се однесува на иднината на регион кој го носи статусотСветско наследство на УНЕСКО? Секако дека национален или меѓународен форум/медиум би бил посоодветен за таа намена.
– Зошто опцијата за англиска верзија на страницата на НП Галичица е толку долг период нефункционална? На кој начин сте обезбедиле пристап за меѓународна јавност до документи како што е СОЖС од Citrus Partners LLP?
– Зошто во мултиетничка земјаинформациите за одржување на расправата се објавени единствено на медиум на македонски јазик? Зошто не беа презентирани пред пошироката јавност, на повеќе јазици и во повеќе медиуми?
– Кои подобрувања можеа да се направат во процесот на јавна консултација?
Забелешки во врска со капацитетот и интегритетот на ЈУНП Галичица

Капацитет на Јавна установа Национален парк Галичица (ЈУНП Галичица)
Со нагласување на потенцијалните слабости во спроведување на мерките за ублажување и неутрализацијаво СОЖС јасно се посочува на нивото на одговорност кое би го имала ЈУНП Галичица. Тоа опфаќа многубројни задачи, од чување од ловокрадци на загрозени видови пеперутки, менаџирање на ризикот што ќе настане со изградбата на патот, потоа спроведување, надгледување и управување со неутрализацијата што би се правело за прв пат, па сè до одржување на оградата и сигнализацијата. А воопшто и да не ги спомнуваме потребата од засилена контрола со приливот на поголем број посетители во Паркот, како и советодавната улога кон инеститорите што установата би ја вршела.
Секој менаџмент би се мачел со толкаво дополнително оптоварување, но убедени сме дека ЈУНПГ би имала поголем проблем од другите. Прво, судејќи според скорешното минато и изјави за јавност на самите вработени, Паркот не само што не се финансира на еколошки и одржлив начин, туку токму напротив, се самофинансира со деструктивно сечење на шуми. Прадоксално, институцијат која постои да го „штити“ Паркот, е точно таа што го уништува.Овој факт треба да служи како предупредувачки сигнал доколку финансиските импликации по ЈУНПГ се зголемат, а таа сè уште би била принудена да се самофинансира. Второ, на барање на Владата за измени на Панот за управување со Националниот парк за 2011-2020, ЈУНПГ веднаш одговори со безусловна поддршка без ни најмалку да застане во одбрана на природната средина и тоа уште пред СОЖС на Citrus LLP да биде изработена. Во СОЖС, пак,се наведува дека ЈУНПГ е далеку од посветена на својата улога на заштитник на билошката разновидност. Трето, политизацијата и корупцијата на институциите во Македонија (документирано во последниот извештај на Европската комисија) уште повеќе ги зголемува сомнежите за способноста на ЈУНПГ да работи правилно и одговорно. Четврто, според увидот на постоечката ситуација, IUCN ја опишува ЈУНПГ какоинституција со „недоволно работна сила и буџет“ и со „мал капацитет да обезбеди ефективна заштита на вредностите на Националниот парк.“ Петто, секој обид на ЈУНПГ да обезбеди финансии, било од владата или од приватниот сектор би бил поткопан од притисокот на инвеститорите за намалување на трошоците (атрактивноста на бизнис планот за ски-центарот произлегува од ниските локални трошоци), или пак од носителите на одлуки кои според IUCN се „со ниско ниво на еколошка свест“.
Во тој контекст:
1. Колкави се трошоците кои би произлегле од сите препорачани мерки за ублажување и неутрализација и работните задачи кои произлегуваат за ЈУНПГ? Кога ќе биде достапен таков документ со детална разработка на трошоците?
2. Со оглед дека според Citrus LLP, ЈУНП Галичица ќе има пресудна улога во управување со последиците од предложените проекти врз биолошката разновидност, зошто до сега не е направена проценка на ЈУНПГ, поточно организациската структура, владината поддршка, капацитетот, експертизата и општата волја да ги извршат задачите кои би им претстоеле? Според сознанијата за постоечката состојба на институцијата, дали Citrus LLP верува дека ЈУНПГ е навистина способна да го заштити биолошкиот диверзитет во текот на 5-те проекти? Ако да/не, тогаш зошто смета така?
3. ВО СОЖС се посочува дека е можно да се бара помош за идната улога на ЈУНПГ од Владата. Имајќи го предвид досегашното неквалитетно управување со животната средина во Македонија и трендот на кратење буџетски стредства за заштита на животната средина кој е евидентен и во други земји во време на економски потешкотии, како може да се очекува еден таков систем да гарантира заштита на биодиверзитетот на Галичица на подолг рок?
4. Како алтернатива, во СОЖС се предлага ЈУНПГ да ја финансира инвеститорот на ски-центарот. Дали ова нема да влијае врз економската одржливост на проектите? Што ќе се случи доколку инвеститорот банкротира? Како тогаш би се финансирало спроведувањето на мерките за неутрализација? Како ваквиот начин на финансирање нема да значи конфликт на интереси кога институцијата која треба да ја оценува работата на инвеститорот ќе биде финансиски зависна од него?
5. Доколку проектите и неутрлизацијата навистина се случат, обезбедувањето директни/индиректни извори на средства или гарантираното спроведување на правилата и мониторингот ќе зависат најмногу од македонската влада. Како Citrus LLP ја оценува способноста/посветеноста на Владата во извршувањето на вакви задачи? Која е основата за таквото мислење?

Носечки капацитет
На страна 235 од СОЖС се вели дека носечкиот капацитет на НП Галичица е непознат. И покрај тоа, Citrus LLP не се обидува да го одреди, туку го одлага до проектната фаза. Во меѓувреме, сознанијата за започнатиот процес на еутрофикација на Охридското езеро се сметаат за знак дека границата на поднослив антропоген стрес е веќе надмината и дека Езерото не може да трпи повеќе, а тоа да не резултира во значителни нарушувања на еко-системот.
1. Дали верувате дека Охридското езеро е над или под својот носечки капацитет? Со што го поткрепувате вашето мислење? Дали е одговорно да се става додатен притисок на еко-систем кој веќе покажува знаци на неодржливо користење?
2. Зошто не е направен обид да се одреди носечкиот капацитет на НП Галичица кога тоа е клучен податок за разбирање на севкупните ефекти на планираните проекти? И повторно, дали е одговорно да се изведуваат проекти во подрачје чијшто носечки капацитет е прашање на нагаѓање?
3. Какво значење имаат мерките на ублажување и неутрализација доколку не се знае носечкиот капацитет?
Наголемувањето на бројот на проекти секако ќе влијае врз Езерото во целост и следствено тоа би требало да биде пресудно при одлучувањето дали ќе се продолжи со развојните проекти. Не сметате ли дека прашањето за носечкиот капацитет треба да биде разгледано на стратешко, а не на проектно ниво? Дали не мислите дека одложувањето може да доведе до негово занемарување?

Веродостојноста и независноста на ЈУНПГ
1. На страница 44 од СОЖС на Citrus LLP е потенцирано дека доколку моќни чинители како што е Европската банка за обнова и развој не го поттикнеа прашањето за недостигот на мерки за заштита на природата, во првичните планови за регионот Охрид-Преспа, на грижата за животната средина ќе ѝ се придадеше уште помало внимание од она што ѝ се придава сега.
2. Земајќи ја предвид улогата на Јавната установа Националнен парк Галичица на чувар на регионалното природно наследство, зошто се потребни странски банки и други засегнати страни за идентификување на несоодветноста на иницијалните планови?
3. Зошто ЈУНПГ не посочи на таквите недостатоци однапред?
4. Доколку одговорот е дека на ЈУНПГ ѝ недостасува моќ да се изјасни без поддршка од други засегнати страни, како, тогаш, би можела да нуди сигурност при одржување на суштинските природни вредности на Националниот парк понатаму во иднина?
5. Покрај тоа, одржувањето на екосистемот во услови на: голема посетеност, нарушувања на постоечкиот амбиент, фрагментација на живеалиштата и општ антропоген притисок бара целосна посветеност од ЈУНПГ во иднина, на неодредено време. Во овој период, ако претпоставиме дека Македонија ќе продолжи да се стреми кон демократија, мора да очекуваме голем број на промени во владината структурата. Не е позната посветеноста кон заштита на животната средина на идните влади кои би ја воделе Македонија.Исто така, доколку предлогот за инвестирање во ски-центарот и сличните такви проекти привлечат интерес, приватните компании на кои профитот им е примарна мотивација, исто така ќевршат притисок врз Националниот парк Галичица за свои потреби и цели.
6. Во овој контекст, кои напредни мерки ќе се преземат со цел да се обезбедатнезависноста на ЈУНПГ од политички притисок и нејзиниот еколошки интегритет при процесот на донесување на одлуки отсега па натаму?
7. На кој начин институцијата ќе успее однапред да ја загарантира својата практична и финансиска независност во случај на небрежност од страна на владата?

Политичка позадина
Прашањето за неутрализација на влијанијата врз биолошката разновидност останува многу контроверзно. Така, на пример, во Велика Бритианија – земјата од каде што е позајмена метологијата во СОЖС на Citrus, се води процес на дебата, консултации и пилот-проекти кои траат и по неколку години пред каква било политика на неутрализација воопшто да биде применета. Ова вклучува период на двомесечна консултација,за време на кој целата популација на Велика Британија е поканета да дава свои мислења, а вклучени се и различни групи на експерти. Таквиот процес сè уште трае и создава бројни загрижувачки прашања за штетата која таквата политика би можела да ја нанесе доколку несоодветно се применува. Дури и експертите кои го поддржуваат генералниот концепт начнаа бројни спорни точки, укажувајќи на тоа дека постоечките решенија се премногу поедноставени.
Ние би сакале да поставиме прашања за тоа како се одвивал овој процес во Македонија.
1. Зошто прашањето за неутрализација на влијанијата врз биолошката разновидност не беше подложено на дискусија, на подолг временски период, со учество на целото население и со формирање на работилници со групи на експерти и засеганти страни од повеќе области, пред да се земе предвид каква било СОЖС за НП Галичица?
2. Какви дебати и дискусии беа одржани пред да се избере оваа политика за неутрализација на влијанијата врз биолошката разновидност?
3. На база на која логичка и теориска основа е донесена одлуката да се вклучи овој концепт на неутрализација на влијанијата врз биолошката разновидност?
4. Накратко, како владата на Р.М. одлучи дека неутрализација на влијанијата врз биолошката разновидност е соодветна мерка и насока за земјата, колку долго треше овој процес на донесување на одлука, чии мислења беа земени предвид и кој беше консултиран, кои испитувања беа спроведени на локално ниво со цел да се осигура позитивен резултат на методолoгијата за неутрализација?
Изгледа дека СОЖС на Citrus LLP го има занемарено националниот контекст во кој ќе настанат промените во НП Галичица. Малку обиди се направени за да се разбере до поголем степен политичката рамка на Македонија и покрај нејзиното круцијално значење за последиците од неутрализацијата на влијанијата врз биолошката разновидност. На ова прашање, IUCN во Техничката студија за неутрализација на влијанијата врз биолошката разновидност од 2014 г. (2014 Biodiversity Offsets Technical Study Paper), вели дека постојат две клучни причини за неуспех на неутрализацијата на влијанијата врз биолошката разновидност, а тоа се: ,,недостиг на мониторинг и спроведување(оттука и имплементацијa, честозарадинедостигна политичка волја’’ и ,,неадекватни основни методи’’.
Влијанијата врз биолошката разновидност: Ефективен дизајн и имплементација(Biodiversity Offsets: Effective Design and Implementation), неопходни се методологии за мониторинг, известување и верификација(МИВ) ,,со кои ќе може да се процени напредокот кон целите на мерките за неутрализација. Ова подразбира и соодветна документација за плановите за управување, редовен мониторинг,вклучително и проверки на терен, јасно и транспарентно известување, и верификација од трета страна.’’. Во истиот документ стои и објаснувањето дека МИВ –рамките мора да бидат поддржани од соодветни мерки за усогласување и спроведување со цел да се мотивираат спроведувачите на мерките за неутрализација да даваат извештајза реализираната конзервација.’’
Наспроти ова, воРаботниот документ на службите на Европската Комисија 2015, Македонија се опишува како земја во која „усогласувањето со acquis-то за заштита на природата, особено за природните живеалишта и дивата фауна ифлора е одложено. Нема постигнат напредок во областа на идентификација на идните Натура 2000 локации.” Исто така, се истакнува дека административниот капацитет за имплементација и спроведување на легислатива за животната средина во Македонија е ,,недоволна на сите нивоа”. Терминот искористен за опишување на системите за мониторинг и известувањеза животната средиина на нашата земја е ,,неадекватни’’. Во практика, ова е надополнување на некомпетентноста на МИВ и отсуството на посветеност на ниво на влада.
– Земајќи ги предвид двата заклучока, и оние на IUCN и оние нa OECD, дека мониторингот, спроведувањето и политичката волја се интегрални елементи за успешноста на неутрализацијата на влијанијата врз биолошката разновидност, зошто Citrus LLP не успеа во СОЖС целосно да ја анализира генералната способност на Македонија во однос на овој концепт?
– Зошто не биле спроведени никакви истражувања за генералните практики на градење во Македонија со цел да се утврди дали локалните стандарди се доволно адекватни да осигураат дека нема да има никаква штета по интегритетот на животната средина во охридско-преспанскиот регион?
– Што ќе се преземе и направи сега за да се обезбеди дека овие согледувања ќе бидат вклучени во постапката за НП Галичица?
– Која ќе биде таа трета страна, предложена од OECD која ќе ги потврди/верифицира мониторингот и известувањето?
– Конечно, дали вие сметате дека држава, чијашто способност да воведе и спроведе законодавство за животна средина ЕУ ја оценува како ,,недоволна на сите нивоа’’,треба и смее да имплементира мерки за неутрализација на влијанијата врз биолошката разновидност во еколошки силно чувствителна зона со Статус на светско наследство?

Недостиг на сигурни, ажурирани информации
На страница 243 стои дека: ,,Ресурсите за управување со Националниот парк во моментов се ограничени и не биле спроведени сеопфатни истражувања за голем број од популациите на видови кои би можеле да бидат погодени од промените во планот за управување. Овој недостиг на сигурни, ажурирани информации, значи дека не било можно да се спроведе сеопфатен детален преглед на влијанијата од ревидирањето на планот и на потенцијалните влијанија коишто произлегуваат од планираните проекти за сите потенцијално погодени видови, вклучувајќи и многу видови коишто се ендемични на локалното подрачје или на Балканот и многу други коишто се заштитени во рамките на ЕУ и/или на национално ниво“.Ова ја доведува во прашање севкупната валидност на СОЖС.

– Како би можеле да се спроведат значајни проценки, особено оние што се однесуваат на неутрализацијата на влијанијата врз биодиверзитетот, кога не постојат сигурни и комплетни податоци?
– Земајќи предвид дека извештајот е основан на недоволно информации, до кој степен може да се има доверба во заклучоците на СОЖС, особено оние каде се тврди дека одредени аспекти на петте развојни проекти можат да бидат подлежни на мерките за неутрализација на влијанијата врз биодиверзитетот?
– Во контекст на цитатот од 243 страница, дали изготвувачите на СОЖС на Citrus LLP сметаат дека нивната задача е успешна или неуспешна?
– Дали е професионално оправдана одлуката да се донесуваат такви далекусежни заклучоци како оние изложени во СОЖС на Citrus Partners LLP, земјаќи го предвид недостигот на веродостојни податоци?

Забелешки за неутрализацијата на влијанијата врз биолошката разновидност
На јавната распарава беше спомнато дека ќе се користи постоечка меѓународна методологија за програмата за неутрализација на влијанијата врз биолошката разновидност во Националниот парк Галичица. Дадените примери и посочените документи од анексите на СОЖС на Citrus LLP се засновани строго на методологијата предложена од страна на Велика Британија.
Еден од документите посочен од Citrus LLP, на страница 9 во нивниот Briefing on Biodiversity Updatesе Biodiversity Offsetting Pilots — Technical Paper: the metric for biodiversity offsetting pilot in England, March 2012. Во точка 16 од овој документ експлицитно е наведено дека нивниот пристап е недоволно разјаснет; содржи бројни прашања кои треба да се разјаснат пред да се пуштат во поширока употреба; и дека е дизајниран за пилот-проекти. Со други зборови – ваквиот пристап е експериментален. Дополнително, гореспоменатиот документ од Велика Британија се наведува особено заради ,,временскиот фактор’’ користен за квантифицирање на Единиците за неутрализација на живеалиштата(Habitat Offset Units), чиј максимален множител за ,,години за одредување на состојбата’’ е поголем од 32. Земајќи предвид дека овој документ е објавен во 2012 година, невозможно е да има поминато доволно време за да се процени дали методологијата е соодветна.
– Оттука, како може да биде соодветно да се применат недокажани, експеримантални мерки, дизајнирани за друг екосистем, во сосема различен географски регион на македонско-албански национален парк и Биосферен резерват од меѓународна еколошка значајност?
Biodiversity Offsetting Pilots — Technical Paper: the metric for biodiversity offsetting pilot in England, March 2012исто така содржи и важно предупредување во точка 83, каде категорично е наведено дека ,,нема да има промени во постоечките степени на заштита за нашиот биодиверзитет. Така, постоечките нивоа на заштита за живеалиштата и видовите(како што се оние од Директивата за живеалишта и видови на ЕУ), и процесите кои ги опфаќаат, не се дел од пилот–програмата за неутрализација на влијанијата врз биолошката разновидност. Тогаш, јасно е дека оваа методологија ниту била креирана ниту пак наменета за употреба во зони со високо ниво на заштита кое воспоставува механизми за заштита на тој предел и на бројни видови со одредена еколошка вредност. Ова е дополнително истакнато во точка 17, каде што се тврди дека неутрализацијата на биолошката разновидност ‘’не смее да направи промени во постоечките нивоа на заштита на биодиверзитетот’’.
– Земајќи ги предвид овие тврдења, зошто методологијата од овој документ а) се користи во комбинација со резонирањето, и б) се користи во Национален парк Галичица, каде и видовите и живеалиштата веќе имаат воспоставена ‘’заштита’’ и „процеси кои се вклучени притоа“?
Во параграф 2.3 од Briefing on Biodiversity Offsetsна Citrus LLP се укажува на тоа дека користените пресметки за неутрализација на влијанијата врз биолошката разновидност се основаат на документ од 2010 г. со наслов Biodiversity Offsets: possible methods for measuring biodiversity losses and gains for use in the UK (Неутрализација на влијанијата врз биодиверзитетот: можни методи за пресметување на загубите и добивките на биодиверзитетот, за употреба во ОК). За почеток, дури и самиот наслов открива како овој документ е фокусиран на биодиверзитетот на ОК, а не на она од карстните планини на Балканот низ кои течат водите на две антички езера, што веднаш упатува на неприменливоста на тој документ. Ова тврдење е поддржано од фактот дека овој документ е ,,наменет за надополнување на постоечката политика и ситемот за планирање на Велика Британија’’. И други проблеми за адаптирање на методологијата во Националниот парк Галичица се препознаваат веднаш: Авторите потенцираат дека нивната работа е со цел да се користи како почетна точка за понатамошна дискусија и дебата, а не како препорачано и конечно решение’’ и предупредуваат дека ,,ќе биде потребно ригорозно тестирање за да биде сигурно дека пристапот ќе овозможува прифатливи резултати’’. Со оглед на тоа што документот е напишан пред нецели пет години, временски е невозможно неговите хипотези да бидат ригорозно и темелно проучени до денешен ден.
Неутрализација на влијанијата врз биодиверзитетот: можни методи за пресметување на загубите и добивките на биодиверзитетот, за употреба во ОК исто така, оди до тој степен што тврди дека постојат некои услови во кои употребата на off-set мерките ,,никогаш нема да биде соодветна’’. Впрочем, како пример се посочуваат Живеалиштатаод Акциониот план за биодиверзитетот во Велика Британија каде што целта е „да нема загуби“, како такви за кои методолигијата е неприфатлива. Дополнително, со документот се претпоставува дека ќе се применува ,,единствено за загуби кои настануваат на живеалишта кои не спаѓаат во мрежата на Натура 2000’’. Според тоа, ако земеме предвид дека во СОЖС на Citrus LLP пресметките за неутрализација на влијанијата врз биодиверзитетот се правени на база на документ кој во повеќе наврати ги посочува сопствените недостатоци, произлегуваат следните прашања:
– Зошто методологијата дизајнирана за дополнување на веќе постоечка рамка во Велика Британија се применува во Македонија?
– Зошто методологија за неутрализација на влијанијата врз биодиверзитетот строго наменета за почеток на дискусија околу темата се применува како крајно решение за еколошки сензитивно подрачје и покрај препораките од авторите дека не треба да се користи за таква цел?
– Дали постои оправдување за користење на документот на Treweek et al. како методолошка основа за неутрализација на влијанијата на биодиверзитетот во НП Галичица, кога во самиот документ се нагласува дека не се користи за подрачја заштитени од Натура 2000, кои се и еквивалент на Емералд подрачја, во рамките на Европската Унија?
– Доколку Галичица беше дел од Велика Британија, колку од нејзините живеалишта ќе беа назначени какоживеалишта од британскиот акционен плансо статус без загуби?
– Ако претпоставиме дека Joana Treweekкоја е наведена како експерт е истата Treweek од споменатиот документ, кои промени во нејзиниот став можеле да настанат за нејзината работа наеднаш да ја примени надвор од наведениот контекст?
Насоките и предупредувањата во Biodiversity Offsetting Pilots — Technical Paper: the metric for biodiversity offsetting pilot in England, March 2012кои го ограничуваат овој пристап на Treweek et al. на територијата на Велика Британија и му придаваат значење на хипотеза, нè наведуваат да се двоумиме околу професионалноста на Citrus LLP во изработката на СОЖС за НП Галичица. Земајќи го предвид фактот дека Citrus LLP е британска компанија, тие мора да знаат дека метологијата која ја вклучуваат е недокажана и некомплетна, и дека мерките за неутрализацијата на влијанијата врз биолошката разновидност, како што се интерпретирани од страна на Велика Британија, не се наменети за региони како Охрид-Преспа. Овие факти се добро предочени во самите извори кои ги наведува документот.
– Оттука, како Citrus LLP ќе ја оправда својата професионална одлука да обезбеди предлози засновани на оваа методологија во Македонија?

Места во кои загубите не можe да се неутрализираат
Неколку проекти, како Љубаништа 3, Стење, експресниот пат од Пештани до границата со Албанија и зоната за нордиско скијање, во СОЖС се идентификувани како проекти чиишто влијанија е сосема неможно да се неутрализираат или дека скоро сигурно би имале значајни останати штетни влијанија. Со оглед на екстремно лошото еколошко влијание, тие се дефинитивно неприфатливи во регион со исклучителна важност како природно наследство.
– Зошто до сега нема никаква формална, пишана гаранција дека овие крајно опасни проекти нема да бидат спроведени?
– Имајќи во вид дека многубројните предложени пректи за НП Галичица докажуваат дека и формална гаранција за заштита може да биде погазена, како би можеле, а да не се сомневаме во каква било изјава за заштита, правна или поинаква во иднина?

Постапување со ендемичните видови
Дури и да замислиме дека постоеја законски и правни предуслови за прифаќање на мерките за неутрализација на влијанијата врз животната средина во рамките на Р.Македонија, на кој начин би постапиле и како би ја модифицирале методологијата за специфичните услови, односно како ќе постапите со ендемичните видови? Доколку веќе сте избрале постоечка методологија за видовите кои не се ендемични и единствени за Паркот, која методологија ќе ја примените на ендемичните видови? Со оглед на тоа што тие не постојат во земјите за каде е изготвена методологијата која вие ја одбравте, дали ќе изработите нова методологија? Како се одвива процесот на изработка на нова методологија?
Дали Citrus LLP, во процесот на избор на соодветна методологија ги има следено стандардите и општата рамка на BBOP (The Business and Biodiversity Offsets Programme (BBOP), пред да ги избере и посочи мерките за неутрализација навлијанијата врз биолшоката разновидност како најсоодветни и остварливи? BBOP го посочуваат критериумот за Граници на оние влијанија врз биодиверзитетот кои може да се неутрализираат. Притоа, пред да се донесе каква било одлука, се прави проценка на вредноста на биодиверзитетот на видот. Дали е тоа направено?
Дали е земен предвид факторот на ендемичност пред да се оцени вредноста на биодиверзитетот?
Генерално, каков третман ќе добијат ендемичните видови наспрема они кои се пошироко распространети?

Хиерархијата за ублажување
Според Европската унија и неколку други институции како на пример Business and Biodiversity Offsets Programme која ја користи и Citrus LLP, инстанцата без нето загуба треба да биде цврсто вклучена во хиерархијата за ублажување. Според тоа, неутрализацијата на биодиверзитетот треба да биде последен избор, а не прво прибежиште, а главната цел е таа да се избегне колку што е можно повеќе. СОЖС обрнува внимание на тоа и во дел 8.2.1, на страница 247 каде што советува локацијата за ски-центарот да биде ревидирана.
1. Имајќи го ова на ум, ве молиме да го образложите процесот на хиерархијата за ублажување во конкретниов случај. На пример, кои чекори беа преземени за да се избегнат препораките за неутрализација?
2. Зошто избегнувањето е несоодветно за ски-центарот и покрај јасните индикации дека локацијата е несоодветна?
3. Зошто воопшто не се понудени никакви алтернативни решенија за ски-центарот во целост?
Фокусот на одредени живеалишта во СОЖС, посебно на оние вклучени во Директивата на ЕУ за живеалишта се чини дека го изместил самиот принцип за заштита на природата. Ова е воочливо во недостигот на какво било избегнување или мерки за неутрализација на делот низ кој е предвидено да поминува експресниот пат Охрид – Пештани, кој треба да биде финансиран од ЕБОР. Таа одлука се поткрепува со ставот дека габерот (застапен во делот предвиден за пат) е широкораспространет во Македонија и според тоа уништувањето на 281 хектар е прифатлива загуба. Тоа што овој вид се третира како потрошлив упатува на тоа дека нема никакво значење за биолошката разновидност. Но, со самото тоа што овие дрвја се во Паркот, значи дека тие имаат некаква природна вредност. Тоа покренува неколку прашања:
– Која дефиниција на биолошката разновидност се претпочита во Македонија?
– Како токму таа дефиниција е избрана како најсоодветна за природата во Македонија?
– Која е разликата помеѓу биолошка разновидност и природа?
– Со ставање на главен акцент на биолошката разновидност, постои ли опасност од нанесување на скриена штета на природата?
– Каков е придонесот на габерот за природата (не биолошката разновидност) и зошто таа придобивка се третира како лесно потрошлива/заменлива?
Понатаму, загубата на 281 хектар шума без компензација секако би имало влијание врз рамнотежата на еко-системите. Еден од принципите на стратегијата без нето загуба на кој ЕБОР (а последователно и СОЖС на Citrus LLP) ја темели својата политика за животната средина е дека мора да се гледа во поширокот контекст на 6-те цели на биолошката разновидност на Европската унија (6 EU Biodiversity Targets) и Конвенцијата за биолошка разновидност (КБР) на кои Република Македонија е потписник. Поконкретно, во КБР стои дека: „До 2020-та, стапката на загуба на сите природни живеалишта, вклучително и шуми треба да биде преполовена, а каде што е можно, и доведена до нула“. Целта број 2 од 6-те цели на Биолошката разновидност на Европската Унија ја изнесува намерата дека: „До 2020-та, еко-системите и нивните услуги треба да бидат одржани и унапредени преку изградба на зелена инфраструктура, а најмалку 15% од деградираните еко-системи треба да се обноват“. Без нето загуба е алатка која може да овозможи да се постигнат овие цели, а е бесмислена доколку се третира одвоено. Со други зборови, сите мерки за неутрализација предложени во СОЖС се невалидни доколку не се разгледувани целовито, преку унапредување на деградираните живеалишта и намалување на стапката на загуба на сите природни живеалишта и приближување на истата до нула, и тоа низ целата територија на Македонија. Затоа, би сакале да прашаме:
– Како проектите за НП Галичица се вклопуваат во поширокиот контектс на КБР и 6-те цели на Биолошката разновидност на Европската Унија?
– Зошто принципот Без нето загуба е применет селективно, само на одредени живеалишта т.е. не за шумата на габерот, кога истиот е дел од долгорочната политика наменета да превенира загуба на живеалишта во целост?

Сомнежи во врска со мерките за неутрализација
Во СОЖС, Citrus LLP упатува дека уништувањето на алпски, суб-алпски и калциколни тревници за потребите на ски-центарот може да биде неутрализирано во зона во северниот дел на Националиот парк, кој е квалификуван како „во опаѓање“ што е резултат на климатски промени и природна сукцесија. Со воведување на пасење во тој дел, се предлага да се спречи тревниците да прераснат во грмушести живеалишта, на кој начин би се извршила компензација на тревниците кои би се изгубиле со изградбата на ски-центарот. Но, ова е само прашање на дефиниција. Зоната на која неутрализацијата би се извршила, иако е во состојба на опаѓање т.е. тревна површина, таа е во процес на премин во друга форма. Едноставно кажано, таа може да се дефинира како деградирана тревна површина, но исто и како шума во зачеток. Згора на тоа, овој процес на метаморфоза е и делумно прилагодување кон климатските услови кој, со препораките на СОЖС би се запрел. Тоа е опасно мешање во природните процеси зашто би ги попречило живеалиштата да се трансформираат во согласност со околностите. Оттука потекнуваат неколку забелешки:
1. Зошто СОЖС претпочита да ја третира оваа зона како тревна површина со понизок квалитет наместо сукцесија во шума со висок квалитет?
2. Како ќе биде надоместена загубата на површините со природна сукцесија во шума кога природните процеси ќе бидат сопрени преку имплементацијата на мерките на неутрализација?
3. Зарем не е ризикот од ова неутрализирање многу поголем (од наведениот во СОЖС), кога се знае дека сукцесијата во шума е природна реакција на климатските промени, што значи дека тревниците долгорочно нема да бидат соодветни за дадената локација?
4. Со допуштањето на пасење во овој дел, тој и де факто станува Зона на одржливо користење. Зарем тоа не значи дека минималното зголемувањето на Зоната на активно управување предложено во СОЖС е всушност преувеличено?
Едновремено, во врска со компензацијата на Juniperus communis, за кој епредложена површина во северниот дел на Паркот, се препорачува измени на пасишниот режим што би го овозможило процесот на природна сукцесија во шума.
5. Ќе може ли да го објасните резонирањето кога процесот на сукцесија го именувате како деградација на живеалиштето на една локација, т.е. за калциколните тревници, а унапредување на живеалиштето во друг контекст, т.е. за Juniperus communis?
6. Спречувањето на пасењето на една локација, едноставно значи дека тоа ќе мора да се одвива на друга. Во тој контекст, дали овој предлог не е пример на дислокација за која IUCN укажува дека не придонесува кон дополителни добивки кон биодиверзитетот?
7. И повторно, измената на режимот на управување едноставно би значело загуба на уште една тревна површина, што би повлекло деградација на полуприродно живеалиште и би нанело штета на еко-системот. Како тогаш би се неутрализирала оваа загуба?
8. Доколку пак идејата е само да се помести пасењето од зоната наменета за неутрализација на загубата на Juniperus communis во зоната наменета за неутрализација на тревниците, нели со тоа само се поместуваат две живеалишта, и во суштина не се врши неутрализација на билошката разновидност?
9. Дали тоа не упатува на заклучокот дека терминот Без нето загуба (No Net Loss) е употребен селективно? Зошто истиот не се употребува инклузивно, за сите типови на живеалишта?
10. Дали тоа не значи дека ставањето на акцент на одредени подрачја и видови ќе се употреби за да се оправда уништувањето на други?
Дополнителна причина за критика на мерките за неутрализација на влијанието врз Juniperus communis е дека, во погодни услови, овој процес на сукцесија би се случил природно. Следствено, во случајов не се создава ново живеалиште. Истото се однесува и на подрачјето со Fagus sylvatica, каде што 300 хектари шума оштетена од пожари е обележана да се помести во Зона за активно управување за да се подигне нејзиниот квалитет. Меѓутоа, тоа секако би се случило по природен пат, доколку на природата ѝ биде дозволенода го стори своето. Ист е случајот и со Juniperus communis со оглед дека состојбата на дел од површината е деградирана од пожари. Дефинициите за неутрализација на биолошката разновидност според UK DEFRA (точка 40) и IUCN јасно кажуваат дека мерките се валидни само доколку носат добивка која не би се случила по природен пат, што воопшто не е случај тука.
– Според тоа, зошто мерките за Juniperus communis и Fagus sylvatica наведени во СОЖС на Citrus LLP се именувани како мерки за неутрализација, кога не ги исполнуваат меѓународните норми? Дополнително, на кој начин ќе бидат мерени евентуалните придобивки кои би биле над стапката на природна обнова на живеалиштето, а кои би настанале како резултат на примената на мерките предложени во СОЖС?
– Дали мерките за Juniperus communis и Fagus sylvatica би обезбедиле придобивки над очекуваните од ЈУНП Галичица како резулат на нејзино нормално работење?
– Имајќи во вид дека овие површини би биле вклучени во Зоната на активно управување како дел од процесот на резонирање на Националниот парк, дали тоа не значи дека овие мерки се невалидни според нормите на IUCN, со оглед дека само го поместуваат проблемот од една локација на друга, а всушност покажуваат дека недоволен дел од Паркот е вклучен во Зоната на активно управување?

Несоодветни формули за неутрализација на биолошката разновидност
Дури и да прифатиме (што не е случај) дека концептот за неутрализација на билошката разновидност е оправдана за Македонија, останува проблемот со пресметките бидејќи бројките во формулите се несоодветни. Да почнеме со временскиот аспект. Постоечката формула, за временски фактор поголем од 32 години нуди само еден (максимален) множител (што значи истиот би се користел и за шума стара 32, но и за шума стара 132 години). Со тоа всушност сосема се занемарува времето потребно за да се создадат живелишта како соодветна замена (like-for-like), особено кога се работи за шуми. На пример, истражувањето на видот Dendrocopus medius (вид на клукајдрвец)и Nyctalus leisleri(вид на лилјак), кои се спомнуваат во СОЖС покажува дека нивната застапеност е поголема во дрвја постари од деведесет и осум години. Студии за други видови, најверојатно би покажале слични резултати. Имајќи го ова на ум, максимален множител 3 за било кој временски фактор над 32 години е недоволно прецизен. Во контекст на живеалиштата на Галичица, кои се развивани во тандем со специфични локални геолошки процеси, а манифестираат богата мешавина на живеалишни ниши, неопходен е многу внимателен приод. Дополнително, во научната заедница постои голема загриженост и полемика во однос на тоа дали временските фактори за неутрализација на биодиверзитетот се соодветно мерени и разбрани, така што организации во други делови на светот, како на пример Австралиската фондација за коали укажува на тоа дека временскиот фактор е континуирано потценуван.
– Зошто СОЖС не зема во вид никакво истражување кое се однесува на гореспоменатиот клукајдрвец за да ја утврди староста на живелиштето која овој вид ја претпочита? Дали постои какво било истражување од овој тип кој се однесува на видовите застапени на Галичица? И ако не, зошто?
– Не сметате ли дека временскиот фактор треба да се коригира, посебно во случајот со шумите, каде што добро се знае дека староста на истите е исклучително важен услов за биолошката разновидност?
Зборувајќи за факторитe на ризик, недостатоци се повторно евидентни. Британското еколошко друштво, критикувајќи ја методологијата за неутрализација на Велика Британија укажува дека неизвесноста е „неизбежна во секој компензаторски проект“. Ова веднаш станува очигледно на секој со здрав разум и искуство со природниот свет. Дури и одгледувањето на цвеќе во саксија вклучува неизвесност. Затоа, користењето на фактор на ризик 1 во формулата за неутрализација на влијанијата врз тревниците укажува дека процесите или веќе се одвиваат по природен пат и на тој начин не може да се третираат како резултат на мерките за неутрализација, или пак дека се остава простор за огромен ризик од лошо управување со процесите, катастрофи (било предизвикани од човекот или природни), или дека непредвидени компликации се сосема изземени од калкулациите. Овој проблем е посебно нагласен во Македонија која до сега нема извршено ниту пилот-проекти или тестови за ефикасност, а во случајов би се нафатила со сериозен проект на спроведување на мерки за неутрализација на биодиверзитетот. Исто така би сакале да обрнеме внимание на тоа дека создавањето на живеалиште не е решение само по себе. За истото да се смета за успешно, мора да може да ја поддржува истата популација на видови. Во спротивно, тоа е само залажување. Во продолжение на ова:
– Колку климатските промени носат дополнителна несигурност кон потенцијалниот успех или неуспех на неутрализацијата?
– Зошто претходни позитивни искуства се оправдување за примена на низок множител за ризик (1), кога се знае дека Македонија никогаш не се занимавала со овие техники? (Галичица е прилично специфично живелиште со многу ендемични видови. Искуства од други делови на светот не нужно би се пресликале на Галичица.)
– Не сметате ли дека факторот на ризик треба да биде поголем, како би го одразил недостигот на искуство во Македонија, непостоењето на пилот-проекти, неефективен закон за заштита на животната средина, скудни финансиски извори и недостиг на еколошка свест било кај државната, било кај локалната власт?
– Зарем факторот на ризик не треба да биде поголем со оглед на забелешките на Citrus LLP дека овие проекти би биле голем тест, а многу веројатно преголеми за ЈУНПГ со оглед на многубројните одговорности што произлегуваат од нив, доколку развојните проекти станат реалност?
Другиот множител во формулата, оној што се однесува на специфичноста на животната средина, исто така е непрецизен. Како што веќе беше спомнато во контекст на експресниот пат на ЕБОР, регинот Охрид – Преспа многу веројатно содржи засолништа (refugia). Истражувањата не само што укажуваат дека генетската разновидност на видовите во засолништата е поголем, туку и дека разновидноста е над нормалата на Балканот. Ова важи и за зоните на контакт помеѓу различни засолништа. Уште повеќе што Галичица се протега меѓу две релативно големи езера кои делуваат како терморегулатори, што значи дека нејзините живеалишта можат да понудат засолниште во текот на екстремни временски услови, како јаки зими или пеколни лета, а исто и во време на климатски осцилации, каков што е случајот во последно време. Токму затоа придонесот на Националниот парк Галичица кон билошката разновидност треба да се разгледува двократно: според нејзината способност да служи како прибежиште во екстремни временски услови и според нејзиниот потенцијал за богата билошка разновидност неопходна за одржувањето на видовите. Според тоа:
– Не сметате ли дека факторот за разновидност за живелиштата на Галичица треба да биде поголем за да соодветствува на регион кој со голема веројатност содржи засолништа (refugia)?
– Зарем не треба генетската разновидност да се земе предвид кога се проценува дали извесни површини воопшто може да се неутрализираат?
– Не сметате ли дека факторот „засолниште“ во екстремни зими и лета треба да биде инкорпориран во множителот за специфичност?
– Зарем забелешките во однос на факторите: временскиот период, неизвесноста и специфичноста кои се наведени овде, не се јасни индикатори на структурна несоодветност на методологијата за неутрализација која се користи?
Сите горенаведени проблеми со формулата подразбираат големо поедноставување, што е токму и критиката која се упатува на сметка на оваа методологија во извештајот за Неутрализација на билошката разновидност (Biodiversity Offsetting) (2013/14) на House of Commons Environmental Audit Committee до Владата на Обединетото Кралство. Овој извештај не само што го поткрепува нашето тврдење дека факторите за ризик треба да бидат ревидирани нагоре со оглед на недостигот од искуство, туку и препорачува воведување на дополнителни коефициенти за фактори како национална вредност на подрачјето од аспект на научен интерес, услуги на еко-системот и поврзаноста на еко-ситемот.
– Дали Citrus LLP знае за извештајот на Environmental Audit Committee? И доколку знае, зошто оправдува употреба на методологија за која постојат силни сомневања дека е премногу поедноставена? И доколку не знае, зошто?
– Зарем Citrus LLP не смета дека СОЖС треба да биде повторно разгледана, ако ништо повеќе барем во однос на препораките на Environmental Audit Committee кои би биле вклучени во проценката?
– Дали Citrus LLP смета дека, доколку горенаведените препораки на Environmental Audit Committee за вклучување на нови коефициенти и зголемените фактори на ризик се земат предвид, влијанијата од плановите врз НП Галичица е воопшто можно да се неутрализираат?

Неутрализација на штетните влијанија надвор од границите на Паркот
СОЖС се согласува дека загубата на Fagus sylvatica не може да биде неутрализирана во границите на Паркот, па затоа предлага да се најде друга локација во Македонија која во моментов не е дефинирана. Меѓутоа, познато е дека Националниот парк Галичица има висок степен на биолошка разновидност што се должи на неговата геолошка и климатска историја, а што укажува дека живеалиштата во истиот се поважни од слични на нив на други подрачја. Згора на тоа, спроведување на неутрализирањето на локација одвоена од онаа чија што штета се надоместува е јасен и екстремен пример на фрагментација на живелишта.
– Како со поместување на живеалиштето на Fagus sylvaticus надвор од Паркот се очекува тоа да го задржи истото ниво на билошка разновидност знаејќи колку е голем бројот на видови во oхридско – преспанскиот регион?
– Дали загубата на Fagus sylvatica навистина може да се надомести?
– Како крајната фрагментација на Fagus sylvatica ќе влијае на флората и фауната посебно во регионот Охрид – Преспа и дали тоа ќе ја намали природната вредност на Националниот парк?

Климатски промени

Необјасниво е зошто климатските промени се речиси целосно исфрлени од предвид во СОЖС. Всушност, Citrus Partners LLP го споменува овој феномен само во однос на трансформација на живеалиштата на алпските и суб-алпските пасишта. Во документот се споменува дека кумулативните ефекти од ски-центарот и промените во временските услови може да предизвикаат сериозно негативни последици врз овие живеалишта, но не се прават никакви обиди за да се измерат овие последици или да се истражат во детали.Покрај тоа, во СОЖС воошто не е е оставен простор за фактот дека во ера на климатски промени, Националниот парк Галичица станува локација од исклучително значење поради големиот број живеалишта на ретки и ендемски видови и климатски зони чие постоење има директно влијание врз околните езера, потенцијалот на НП Галичица како засолниште за видови, и функцијата на националниот парк како зелен коридор.
СОЖС немапроценканиту за тоа каквовлијание ќе има фрагментацијата на живеалиштата со патишта и ски-патеки, врз непреченото движење на дивиот свет во паркот во услови на температурни промени. Во предложените мерки за компензација не се земени предвид промените што би ги предизвикале климатските промени врз природните површини во НП Галичица, ниту промени што директно би влијаеле на економичноста и ефикасноста на ски- центарот.
На земените локации за компензација во моментов расте дабова шума, меѓутоа поради забрзаните промени во климата (температура, екстремни временски услови- суша, поплави, силни ветрови) за една година на таа иста локација може да расте бука што ги прави мерките за компензација бескорисни бидејќи го поништува секој позитивен ефект за нето зашита на биодиверзитет и живеалишта што треба да го имаат.
На екстремно топли, суви места,на доста длабока почва, се присутни шуми во кои доминира Quercus trojana. Во СОЖСвоопшто не е истражено влијанието кое наглите промени во температурата би го имале врз евентуално природно поместување на живеалиштата на македонскиот даб (Quercus Trojana).
Поради тоа што и во своето функционирање и во својата структура зависат одклимата, шумите се многу ранливи на климатските промени. – стои во Третиот Национален план за климатски промени на Владата на Р.М. Во истиот документ промена во составот на видови дрва во шумите во земјата се наведува како дефинитивна последица од климатските промени. Зошто не се климатските промени земени предвид при планирање на мерките за компензација?
Климатските Промени предизвикуваат екстремни услови со подолги периоди на дожд и бури и подолги периоди на зголемени температури и суша, што би го довело во прашање функционирањето на ски-центарот поради недостиг на снег и неговата економска исплатливост. Ова не е воопшто земено предвид во СОЖС.

1. Зошто влијанието на климатските промени не се дискутира подетално или конкретно во СОЖС и покрај доказите дека ова е нужно во денешно време, а особено кога станува збор за мерки за конзервација на биодиверзитет?
2. Како климатските промени влијаат врз ефективноста на мерките за компензација?
3. Како живеалиштата и видовите ќе се прилагодат на наглите промени во услови на зголемување на пречките, како патишта и ски-патеките, и живеалишта кои се одржуваат вештачки согласно со мерките за компензација?
4. Какво значење би имал во услови на климатски промени регионот Охрид-Преспа во споредба со други локации доколку не се реализираат проектите?
5. Дали способноста на видовите да реагираат на климатските промени ќе биде поголема или помала доколку се реализираат проектите?
6. Дали денес е соодветно време да се реализираат вакви масивни проекти и тоа во живеалишта коиимаат потенцијал да бидат засолниште, со оглед на очекуваните последици од наглите промени во климата?

СОЖС воопшто не ги споменува импликациите кои планираните проекти би ги имале врз обврски кои државата Р.Македонија ги има преземено со потпишување на Меѓународниот договор за клима во Париз во Декември 2015 година. Со националните придонеси кон климатски промени на Р.М., државата превзема обврска за намалување на емисиите на јаглероден диоксид за 30%,односно за 36% при повисоко ниво на амбиција, до 2030 година во однос на референтното сценарио.
Со проектот за изградба на патот се планира сеча на дури 84 хектари шума македонски даб (quercus trojana). На овој начин замена на шума со потенцијал да складира јаглероден диоксид со пат кој ќе значи зголемување на емисиите на јаглероден диоксид може да влијае врз можноста на Р.М. за неисполнување на обврските превземени со потпишувањето на Договорот од Париз.

Фрагментација

Иако во СОЖС на Citrus LLP се споменува фрагментација и се зборува за некои мерки за митигација, како што е изградбата на тунели за да се овозможи пристап до крајбрежјето, истражувањето се уште се чини некомплетно. На пример, СОЖС укажува на тоа дека инфраструктурните бариери може да влијаат негативно врз бавно-движечки видови, како желките, но не оди понатаму да ги објасни последиците од ова нарушување или да даде совети за дизајнот на оградите покрај патот- прашање на клучно значење. Освен тоа, иако пристап до езерото до одреден степен може да се гарантира преку мерките на Црно Брдо и Зли Дол, сепак може да се очекува одредено влијание врз сегашните патеки на движење на разни видови. Ова ќе влијае врз трофички каскади и може да предизвика локализирана нерамнотежа во екосистемите, особено во оние области кои во моментов се недостапни за големи предатори. Бидејќи трофичките каскади во Охрид- Преспа регионот се уште не седоволно истражени -уште една точка што ја поткопува СОЖС на Citrus LLP е дека има многу фактори кои не се предвидени. Покрај тоа, заканата за генетската разновидност на видовите како резултат на затворање на популациите на видови во тесен простор и ризикот од комбиниран негативен ефект во врска со климатските промени не се правилно оценети. Проекти како патот и ски-центарот мора да се согледаат во контекст на видови, како балканскиот рис. Рисот е критично загрозен и треба да се направат максимални напори за да се обезбеди неговиот опстанок. Додека мерките за митигација може да намалат некои од опасностите со кои се соочува, малку е веројатно дека целокупниот проект ќе обезбеди било каква поддршка за оддржување на популацијата на рисот, особено имајќи предвид дека овој вид бара повеќе слобода на движење особено за време на сезоната на парење кон крајот на зимата, кога скијачкиот центар ќе биде многу активен.

7. Што знаеме за локализирани трофички каскади? Какво влијание ќе имаат проектите врз мобилните видови и како ова ќе влијае врз хиперлокалните екосистеми во Охрид-Преспа?

8. Ако немаме доволно знаење за трофички каскади, може ли одговорно да оправдаме проекти како 5те предложени за Охридско-Преспанскиот регион?

9. Какво влијание ќе има фрагментацијата на живеалиштата врз генетската разновидност на бавно-движечки видови со текот на времето? Дали ова ќе стане поизразено со климатските промени?

10. Дали веројатноста за успешност на програмите за конзервација на Балканскиот Рис ќе се намали доколку се спроведат проектите?
Живеалишта
Предложената неутрализација е фокусирана кон живеалишта и содржи насоки за следење на одредени видови. Сепак, нè загрижува тоа што едноставно создавањето на слични зони и набљудување на грст видови не е доволно да се осигури дека а) популацијата на другите видови кои нема да бидат следени не ќе биде оштетена или уништена; б) услугите на еко-системите ќе бидат одржани на денешно ниво; в) ќе се задржи ефикасноста на врските меѓу еко-системите кои ги преминуваат границите на дадените живеалишта (и на пример вршат финкција на котрола на штеточини, поленизација).
1. Дали со изборот на методите постои опасност евентуалните загуби да се прикријат или превидат? Како ова ќе биде надоместено?
2. Какви промени ќе настанат во живелиштата кои ќе граничат со нови зони (каде би се извршила неутрализацијата) или ќе граничат со оние кои ќе бидат отстранети? Дали е предвиден мониторинг за да се осигура дека рамнотежата на биодиверзитетот во овие места нема да биде сериозно нарушена? Доколку не, зошто?
3. Промената на локацијата на живеалиштата најверојатно би повлекла и извесна промена во надморската височина со делумно различна климатски и географски карактеристики. Како ова би се одразило на составот на еко-системот и какви ризици тоа повлекува?
Како поместувањето на живеалиштата би влијаело на промената на распоредот на шумите, тревниците итн.? Како тоа ќе се одрази на функционирањето на еко-системите? Колку овој нов распоред беше земен предвид кога во СОЖС се одлучуваше програмата за неутрализација?

Потценување на реткоста на живеалиштата на габерот;
Потценување на опасностите врз Градиште и Љубаништа 1 и 2
Означувањето на шумите на габерот како „во зголемување“ само поради нивната зачестеност во Македонија го игнорира фактот дека овие живеалишта се во непосредна близина на Охридското Езеро. Ова е важно затоа што постојат индиции дека во време на глациерот делови околу Охридското и Преспанското Езеро веројатно служеле како засолништe (refugium). Иако без крајни заклучоци, најновите истражувања јасно посочуваат на тоа дека генетската разновидност на видовите во таквите засолништа или во зоните помеѓу нив веројатно била повисока од онаа во останатите места, а се знае дека генетската разновидност влијае на способноста на видовите да опстанат низ потешки периоди, како на пример климатски промени. Според тоа, ваквите зони со поголема генетска разновидност треба да бидат исклучително строго заштитени. Така, шумите на габерот околу Езерото не може да се третираат исто со било која друга шума со габер, туку само како шуми кои се наоѓаат во засолниште. Тогаш тие стануваат многу поретки.
1. Зошто СОЖС занемарува какво било мерење на генетската разновидност, и покрај сè поголемата важност на истата во конзервацијата?
2. Зошто СОЖС се откажува од квантифицирање на застапеноста на габерот во контекст на неговата близина до Охридското Езеро, значењето на езерото врз него и потенцијалниот ефект врз биолошката разновидност/долгорочниот опстанок на видот што произлегува од оваа близина?
3. Зошто СОЖС не го разгледува прашањето на засолништата (refugia) во контекст на шумите со габер и живеалиштата на останати видови од загрозениот охридко – преспански регион?
Останати живеалишта чијашто важност за природата и биолошката разновидност СОЖС ја потценува се Градиште и Љубаништа, кои се на самиот брег на езерото. СОЖС навистина остава впечаток дека е непоткрепена со истражување штом пропушта да го разгледа влијанието на урбанизацијата врз Охридското Езеро. Извори како IUCN, УНЕСКО, и научниците посветени на истражувањето на езерските системи, предупредуваат дека урбаниот развој во литоралната зона е исклучително штетно и повлекува опасност од распаѓање на овој уникатен еко-систем. Некои сметаат дека зголемувањето на количината на загадувачки материи во езерото, како на пример фосфорот, треба да се намали за 50% во претстојните години доколку сакаме езерото да го задржи постоечкиот олиготрофен статус. Други пак сметаат дека антропогениот притисок врз езерото е веќе преголем. Понатаму, Градиште и Љубаништа се дом на видови кои спаѓаат под Бернската конвенција. На пример Algyroides nigropunctatus, кој може да се најде во нивната непосредна близина, со голема веројатност е присутен и таму. Ако ги земеме во вид овие фактори, заклучокот на СОЖС дека ефектите од понатамошна урбанизација на Градиште и Љубаништа би биле маргинални, се чини бизарен. Во тој контектс:
– Дали нивото на загадувачи во езерото ќе порасне или ќе се намали како резултат на предвидените проекти во Градиште и Љубаништа? Доколку се зголеми, кои поконкретно загадувачи можат да се очекуваат или какво влијание истите би имале?
– Зошто СОЖС посветува толку малку внимание на Градиште и Љубаништа и покрај многубројните извори кои укажуваат дека зголемена урбанизација на крајбрежјето е исклучително непожелна?
– Дали Citrus LLP знае дека Охридското Езеро е едно од неколкуте антички езера на планетава? И доколку тоа е случај, не смета ли дека ризик факторот поврзан со Градиште и Љубаништа треба да биде коригиран?

Опасност од пожари
Дури и да прифатиме (што не е случај) дека обновувањето на шумите од штети нанесени со пожари соодветствуваат на стандардните дефиниции за неутрализација на билошката разновидност, мерките би биле оправдани само доколку опасноста од неприродни пожари е елиминирана. Меѓутоа, локален екологист кое име овде ќе остане неоткриено, предупредува дека ризикот од пожари предизвикани од човечки фактор ќе се зголеми доколу предложените проекти за Галичица се реализираат. Тоа го кажува и здравиот разум. Како резултат на тоа, сите напори за неутрализација на загубите по билошката разновидност со допуштање на живеалиштата да се опорават е бесмислено, зашто проектите предвидени на самата планината многу веројатно ќе водат кон повеќе пожари во иднина. Тоа би ги поништило добивките кои произлегуваат од мерките за неутрализација, ако не и предизвикало поголема штета.
– Зошто СОЖС на Citrus LLP пропуштила да го разгледа зголемениот ризик од пожари со имплементација на предвидените градежни проекти знаејќи го нивниото разорно влијание не само кон луѓето, туку и кон растителните и животинските видови?
– Како допуштањето на дадено живеалиште да се регенерира од штетата направена со пожари може да се смета за резултат на мерките за неутрализација, ако самите проекти го зголемуваат ризикот од истите?

Економски аргументи
Економските придобивки од развојот на НП Галичица се постојано спомнувани низ СОЖС како позитивна резултанта од предложените проекти. Сепак, на ниту едно место тие не се подетално разработени ниту пак поткрепени со докази. Исто така, СОЖС не разгледува алтернативни методи како би се дошло до економски бенефит кој не би го зголемил притисокот врз осетливите живеалишта на Паркот, а ниту пак ги спомнува потенцијалните загуби во услугу на еко-системите. Иако знаеме дека СОЖС не е форум за економска дискуција, едновремено сметаме дека изнесувањето на непроверени и еднострани тврдења е безмалку неумесно.
Згора на тоа, економскиот аргумент за проектите може лесно да се доведе во прашање. За почеток, во нацрт извештајот на Универзитетот во Гетеборг изработен како препорака до Владата на Република Македонија за справување со климатските промени се вели дека изградба на ски-центри е непромислен потфат. Нивното мислење е поткрепено со неколку студии кои во текот на претстојните години прогнозираат широкораспространети потешкотии за Европските ски-центри. Конретно за НП Галичица, страна 1 од Акенсот на СОЖС содржи цитат од ненаведен извор, кој се чини дека доаѓа од Екосајн (Ecosign), а кој наведува дека сè уште не се направени потребните истражувања кои би покажале дали избраната локација е соодветна за ски-центар. Од ова може да се види дека воопшто не постои сигурна економска основа за предложениот ски-центар.
Едновремено ги ставаме под прашалник и придобивките од изградбата на експресен пат вдолж источната страна на Охридското езеро, со оглед дека постоечката патна инфраструктура кон Албанија ги задоволува потребите. Дури, самата СОЖС дава противречни искази. На страна 226 се вели дека патот би водел кон потенцијални значајни економски резултати, додека пак на 226 и 246 страна се вели дека директните економските придобивки од изградбата на патот би биле маргинални.
Понатака, СОЖС нема извршено оценка на крајбрежјето. Доколку проектите се извршат онака како што се планирани, притисокот врз крајбрежјето значително би се зголемил. Тоа би изискувало изградба и одржување на инфраструктура од големи размери како би се зачувал квалитетот на езерските води и спречила загуба на биолошката разновидност. Во најлош случај, огромни инвестиции би биле потребни да се ублажил притисокот врз водениот басен како резултат на прекумерна урбанизација, за што како пример може да послужи езерото Бива во Јапонија. Едновремено, доколку неутрализацијата не би се извршила совршено, би се намалил потенцијалот за природен туризам и научно истражување, што значи дека за сметка на еден би се развил друг тип на туризам, но во случајов многу штетен. И како ова да не е доволно, со изградбата на ски-центарот и проектите поврзани со него, се загрозува статусот на Охридското езеро во УНЕСКО, а со тоа и директните и индиректни економски добивки од истиот. Тоа дополнително би го намалил капацитетот на регионот да генерира поддршка и финансиски прилив за идни конзерваторски проекти. И сево ова без да го споменеме финасирањето на проектите со подигање дополнителни кредити, а знаејќи го трендот на Македонскиот државен долг, како и продажбата на земјиште во Националниот парк под пазарна цена.
Понатака, што се однесува до услугите на еко-системот, локалните екологисти веќе предупредија дека со предложените проекти, би биле вознемирени живелиштата на лилјаците. Овие суштества ја намалуваат популацијата на исекти, а со тоа и потребата од пестициди во земјоделието, и повратно го зачувуваат квалитетот на водите. Следствено, намалувањето на нивната популација би повлекло многу скапи последици. Ова е само еден пример, а ги има многу. Меѓутоа, за жал на доказите не се лесно достапни со оглед дека поделатни истражување или не се извршени или не се завршени во моментов.
Чудно е што СОЖС спомнува работни места кои би се отвориле со предвидените градежни зафати. Тоа е валиден коментар, но истиот би можел да се примени на било кој проект, што значи не кажува ништо посебно за важноста на проектите кои се разгледуваат. Работни места би можеле да се отворат и со основање на напредна научна институција или со изградбата на елитен центар за посетители, каде регинот Охрид – Преспа би се направил епицентар на биолошки истражувања и еко-туризам или најпосле во проекти во други региони со помала еколошка важност. Создавањето на работни места не мора да биде врзано со изградба на ски-центар и пат во самиот Национален парк.
1. Какви проверки Citrus LLP има извршено за да ја потврди оправданоста на еконимските аргументи кои ги предочува како гарант за развој на локалната економија?
2. Како може да се каже дека ски-центарот е економски оправдан кога потребните податоци за состојбата на водите се недостапни, а истите треба да покажат дали локацијата на ски-центарот е воопшто соодветна? Зарем не постои огромен ризик од еколошки погубен проект од типот на „бел слон“?
3. Зошто економските добивки се третираат како позитивни, додека трошоците не се означени како негативни, и што е зачудувачки, истите не се воопшто ни разработени?
4. Дали отворањето на работни места со изградбата на ваков проект воопшто може да се третира како еконимски позитивно, кога истите можат да бидат отворени со поттикнување на еколошки оправдани проекти или пак во региони со помала еколошка важност?
5. Кои се потенцијалните економски последици од:
а. Загубата на статусот на УНЕСКО?
б. Трошоците за поглема заштита на живелиштата и видовите, посебно за Охридското Езеро, а кои ќе произлезат од зголемената инфраструктура и тоа на неопределено долг рок?
в. Намалувањето на услугите на еко-системите од живеалиштата кои нема да бидат неутрализирани, како на пример шумата со габер (Querco – Carpinetum orientalis macedonicum)?
г. Изгубените приходи од формите на одлжлив туризам кои се некомпатибилни со моделите на масовен туризам наведен во СОЖС, а кои сега се практикуваат и/или имаат висок потенцијал?
д. Зголемената количина на отпадни води од проектите и урбанизацијата доколку се третираат само 25% од истите (според постоечката состојба) во период од 10 години?
ѓ. Зголемениот наплив на посетители на планината и зголемениот ризик од пожари?

6. Која е постоечката вредност на услугите на еко-системите од Националниот парк Галичица? Ако за ова не постојат податоци, дали воопшто може да зборуваме за валидни заклучоци од анализата на економскиот ризик и предности и недостатоци од имплементацијата на 5-те предложени проекти? Згора на тоа, без таква информација, како може да се мери успехот на мерките за неутрализација?

Оправданост на проектите
Националниот парк Галичица е де факто локација Натура 2000 и затоа јавниот интерес мора да биде сериозно разгледан пред овие 5 проекти да се превземат. Како што веќе беше појаснето погоре, аргиментацијата за економскиот интерес претставен во СОЖС е премногу симплифицирана, содржи пропусти и не посветува доволно внимание на последователните финансиски загуби од проектите. Затоа иницираните проекти не можат да се третираат како зафати од значителен јавен инетерес сè додека не биде презентирана солидна и комплетна економска анализа и истата не биде дикутирана од сите релевантни аспекти.
На страна 242 се вели дека СОЖС претпоставува дека Македонската влада го овозможила неопходниот јавен процес на дискусија за да констатира дека овие проекти се од јавен интерес. Меѓутоа, работниот документ на Европската комисија, на страна 4 ја опишува Македонската политичка ситуација во последните неколку години со зборовите „повреди на фундаменталните права, мешање во независноста на судството, слободата на медиумите и изборите, како и политизација и корупција“. Дополнително, на страна 68 од истиот документ во делот Животна средина и климатски промени се вели: „Јавните консултации со сите засегнати страни и понатаму не секогаш се применуваат, а резултатите од истите не секогаш се застапени во крајните одлуки“. Згора на тоа, нашето искуство зборува за неколкукратно кршење на Архуската конвенција со ненаврменено, нецелосно информирање на јавноста и очигледна нетранспарентност на процесот. Знаејќи го ова, сметаме дека процесот кој завршува со констатација за највисок јавен интерес на предложените проекти треба да биде детално ревидиран од независно тело, со оглед дека не постојат соодветни и фер услови за темелна расправа и партиципација што би гарантирало вистинско изразување на интересите на јавноста. Ова е потфат од големи размери кој би се однесувал на целиот регион Охрид – Преспа, а кој би изискувал финансии и специфични стручни знаења. Во тој контекст, препораката на Citrus LLP дека презентацијата за највисок јавен интерес на 5-те проектни предлози треба да биде одложена додека истите не се доведат до проекто ниво, не можат да се смета за соодветни.
7. Највисок јавен интерес секако треба да биде императив и како таков, согласноста мора да биде обезбедена пред да се превземат било какви следни чекори. Зошто тогаш процесот се одложува додека не стигнале до проектно ниво?
8. Кога веќе предлозите ќе бидат на ниво на проект, нели постои ризик од конфликт на интереси во Македонската влада кој би влијаел на презентирањето на истите како проекти од висок јавен интерес? Нели независна верификација на додека проектите се на стратешко ниво би била посоодветна?
9. Имајќи ги предвид коментарите на Европската комисија, дали може да веруваме во елаборацијата на Владата на РМакедонија за највисокиот јавен интерес на предлог-проектите?
10. Според СОЖС на „Цитрус“ ЛЛД, Македонската влада ќе мора да го докаже највисокиот јавен интерес на проектно ниво според „соодветни критериуми“. Кои се тие критериуми? Кој истите ги одредува?
11. Кои и да се тие критериуми, потребно е да се поткрепат со докази. Најверојатно, барем некои од нив би дошле од Владата. И повторно, имајќи ги на ум гореспоменатите коментари на Европската комисија, колку може да се потпреме на истите како веродостојни? Колку е реалистично дека ревизорите на проектно ниво би можеле да ја проверат нивната веродостојност? Дали тие ќе ги имаат потребните средства за тоа?
Оправдувањето за дадените проекти се потпира на неконзистентна логика и тоа е многу проблематично. На пример, се вели дека експресниот пат треба да го помогне развојот на туризмот преку намалување на времето и трошоците за патување; да го намали оптоварувањето и сообраќајниот метеж на постоечкиот пат; да ја зголеми безбедноста и збогати доживувањето на патниците и крајно, да го зголеми пристапот до Албанија. „Намалување на оперативните трошоци на возилата“, скратување на патувањето за неколку минути, избегнување на ретки метежи, карактеристични само за краток период од годината секако не може да се сметаа за поважни од општиот интерес на зачувувањето на една од планините со најголем биодиверзитет во Европа и античкото езеро со неа поврзано. Не е јасно како доживувањето на туристите во предел со исклучителни пририодни убавини и еколошка вредност би се зголемило со изградба на огромен пат низ истиот. Всушност, туристичкиот развој може и да се намали како резултат на проектите, особено ако со нив се изгуби статусот на Светско природно наследство, се оневозможат еко-туристички проекти и се создаде „трајна лузна“ на Националниот парк, кон што СОЖС и посочува на страна 225. Аргументот за потребата од патот како врска со Албанија е уште едно неосновано оправдување, со оглед дека постоечкиот пат веќе го опслужува тоа; СОЖС не прогнозира поголем еконимски бенефит од истиот, а најбрз начин за поврзување со автопатите во Албанија веќе постои и тој е на само 30км од Охрид (преку преминот Ќафасан). Најпосле, безбедноста на патиштата побрзо ќе се подобри со примена на закони, едукација, програми за подигнување на свесноста одошто со изградба на побрзи патишта и зголемување на циркулацијата на возила. Исто, можат да се применат и мерки за надминување на метежот со поттикнување на луѓето да патуваат во различно време, подобрување на услугите на јавниот транспорт и многу други.
12. Од горенаведените забелешки, како може да се дојде до заклучок дека изградбата на експресниот пат има највисок јавен интерес?
13. Каква анализа е направена за да се утврди причината за сообраќајните незгоди на постоечкиот пат? Колку често невнимателното возење и возењето под дејство на алкохол се среќаваат како фактори на безбедноста? Зарем нема побрз пат со повеќе возила да биде извор на уште повеќе незгоди?
14. Дали е направенено истажување за да се утврди дали всушност туристите преферираат нивното доживавање во Охридско – преспанскиот регион да го креира експресен пат или убав планиснки пејзаж необструиран од урбанизација?
Прашањето дали изградбата на експресниот пат е најважна потреба за развојот на туристичката индустрија како што СОЖС сугерира на страна 64 исто така треба внимателно да се разгледа. Во многу извори, научни и конзерваторски, се наведува дека постоечките туристички трендови се најголема закана за постоењето на Охридското езеро во иднина, а некои веруваат дека туризмот веќе го преоптоварува езерскиот еко-систем. Од друга страна, истраживањето на PESETA за климатските промени во Европа наведува дека во секторот на традиционалниот туризам, евентуалното затоплувањето на летата на северот од Европа може да резултира во намалување на патувањата на југот. Ова не упатува на мислењето дека најважна потреба на туризмот во Македонија не е зголемување на развојот на традиционалниот т.е. масовен туризам, туку диверзификација во други, помалку штетни видови на туризам и пренасочување на постоечката понуда во еколошки попријателски облици.
15. Доколку сосема ја разбереме штетата што постоечкиот вид на туризам ја нанесува на Охридското езеро, како и штетниот потенцијал од развојот на уште помасовен туризам, дали експресниот пат навистина може да се означи како неопходна јавна потреба? Зарем не е очигледна потребата од развој на други облици на туризам (што се веќе евидентни и успешни), а кои би биле помалку штетни за природата?
16. Др. Тобиас Ленз, кој ја води групата за Еволутивна имуногеномика на Институтот Макс Планк за Еволутивна биологија, објаснува дека еко-системот на Охридското езеро чува „билошки диверзитет кој мора да се заштити по секоја цена, не само затоа што тој е ознова за животот на Земјата, туку и затоа што тој служи како извор на информации и траги кои би биле од голем придонес кон медицинската терапија и биотехнолошките иновации со огромна економска вредност“ и на тој начин нуди „единствена можност за истражување на природната историја на нашата планета“. Исто, Хауфе и други објаснуваат дека Охридското езеро претставува скоро глобално уникатен пример на пристапна арена за опсервација со соодветна природна и научна инфраструктура за истражување на биодиверзитетот. Други студии ги величаат античките езера како „примарни примероци за истражување на еволуцијата на самото место“ кои овозможуваат „скоро-експериментален научен пристап“. Имајќи го ова во вид, зарем изградба на експресен пат кој би ја намалил вредноста на езерскиот еко-систем не е повеќе закана за јавното добро одошто придонес?
Други оправдувања за патот кои „Цитрус“ ЛЛД ги изнесува не се ништо помалку дискутабилни. На едно место СОЖС вели дека урбанизацијата веќе се случува и затоа не постои причина да не се гради и понатаму, и тоа инфраструктура што ќе поттикне поголеми градежни зафати во крајбрежјето. На друго место, укажува дека живелиштата на габерот се веќе деградирани, па изградбата на пат низ истите не би имало поголеми последици. Ваква логика е спирала која влече надолу и антитеза на заштитата на животната средина. Постоечката урбанизација која претставува опасност за Езерото и НП Галичица не може да биде оправдување за уште поголема урбанизација, туку исклучиво причина за барање на нови решенија кои би резултирале поинаку и кои би поттикнале поголема заштита. Постоечката деградација на живеалиштата не може да биде подготовка за поголемо уништување, туку само мотивација за подобрување на нивната состојба. Едноставно, кога ќе ви се скрши прозорец дома, не барате решение во кршење на друг.
17. Ако деградираната состојба на габерот е изговор за изградба на пат, дали деградацијата на НП Галичица откако овие проекти ќе бидат реализирани, нема да биде изговор за понатамошна урбанизација? Кога најпосле би се напуштила оваа логика?
18. Во истиот контекст, ако постојните трендови на урбанизација се изговор за експресен пат, од кој би следела и дополнителна урбанизација, дали ова нема да поттикне магичен круг во кој урбанизацијата ќе биде секогаш прифатена како оправдување за уште поголема урбанизација?

Општи забелешки за содржината на СОЖС
Проектно ниво
„Цитрус“ предлага многу од проценките да бидат оставени кога ќе се дојде до проектно ниво. Стравуваме дека ова би ги прикрило кумулативните и вркстени влијанија од различните проекти, дури и ненамерно.
Дотолку повеќе што некои од активностите кои се одлагаат се всушност релевантни за главната евалуација. На пример недостига сеопфатно истражување на видовите и популацииите (страна 243); не е образложено како планираните проекти се од највисок јавен интерес; носечкиот капацитет е мистерија итн. Сите овие проблеми треба да бидат разрешени пред било што да се превзема понатаму бидејќи тие се однесуваат на главното прашање, а тоа е дали овие развојни урбанистички проекти во НП Галичица воопшто треба да се дозволат.
И навистина, на страна 271 од СОЖС, Citrus LLP упатува на важноста овие прашања да бидат разгледани на стратешко ниво.
1. Доколку на проектно ниво излезат нови информации за видовите, може да се покаже дека некои аспекти не можат да се неутрализираат. Доколку тоа се случи, дали е можно Охридско-преспанскиот регион да добие полуизграден ски-центар, хотелски комплекс без пат или обратно? Дали ова не би водело до прекумерен притисок да се извршат проекти кои имаат еколошко-штетни последици?
2. Сеопфатното истражување на популациите на видовите се турка до проектно ниво. Која е гаранцијата дека инвеститорите би ги зеле тие проценки сериозно? Колку тоа би ги чинело? Каков интерес тие би имале од извршување на таа улога правилно со оглед дека тоа би ја усложнила и успорила нивната работа и би повлекло дополнителни трошоци? Кој би вршел мониторинг на процесот и дали би можело на нив да се смета?
3. Со оглед дека од страна 243 се знае дека СОЖС е изработена во недостиг на сигурни, ажурирани информации, а знаеме дека НП Галичица е жариште на биодиверзитет со присуство на ендемични видови, дали може да се претпостави можноста да се јави потреба од неутрализација од поголеми размери? Ако да, каде тие би се извеле? Доколку неутрализацијата е потребна да се изврши надвор од НП Галичица, дали тоа би било соодвентно за ендемските видови?
4. Дали се согласувате дека одложувањето на одредени важни прашања до проектната фаза повлекува ризик од потценување на опасноста по биолошката разновидност? Какви чекори можат да се превземат како би се осигурала точна целосна претстава на ситуацијата така што севкупните последици од влијанијата на развојните проекти врз НП Галичица останат видливи?

Вештачки снег
Иако СОЖС смета дека прашањето за вештачкиот снег треба да се остави настрана додека не се дојде на проектно ниво, сметаме дека е потребно истото да се продискутира на ниво на СОЖС затоа што тоа е еден од факторите за проценување на изводливоста, влијанието, кумулативните ефекти и одржливоста на ски-центарот, како од економски, така и од еколошки аспект.
Би обрнале внимание на следното:
1. Знаејќи ја врската меѓу специфичните хемисли параметри на водите на Охридското езеро и неговиот еко-систем, кои тестови би се примениле за да се процени дали вештачкиот снег би предизвикал нарушување на истиот?
2. СОЖС го спомнува влијанието на вештачкиот снег врз сезоналниот ритам на Crocus cvijici. Кои други видови би претрпиле нарушување на ритамот како резултат на подолготрајна снежна покривка?
3. Како присуството на вештачки снег би влијаел на сезоналните интеракции помеѓу видовите, особено миграторните видови? Како климатските промени би влијаеле на усложнувањето на овие процеси?
4. Како производството на вештачки снег би влијаел на влагата, температурата и други параметри на животната средина и според тоа на микро-климата? Како тоа последователно би влијаело на околните на нив средини?
5. Одредени истражувања(кои не се извршени локално) покажуваат дека вештачкиот снег има значително влијание на селекцијата на видовите што се зголемува со текот на времето и посочува дека писти за скијање не треба да се градат во зони со голема конзерваторска вредност. Кој е вашиот одговор на ова во однос на НП Галичица?

Подземни канали
Иако во СОЖС се наведува поврзувањето помеѓу Преспанско и Охридско Езеро преку подземни канали, влијанието што некои проекти би можеле да го имаат врз овој систем не е подложено на дискусија. Знаејќи дека каналите ја контролираат хемиската специфичност на водите на Охридско, во поширок обем и целиот лентички систем, секакво попречување може да предизвика еколошки последици од поголем степен.
– Какви промени ќе настанат врз подземните канали или водата која минува низ нив како последица на петте проекти предлоени за НП Галичица?
– Зошто се придава толку мало значење на овој проблем во СОЖС?
– Дали Citrus LLP ги има земено предвид информациите што се достапни во трудов насловен Оценка на еколошката важност и антропогена промена на подземните извори во древното Охридско Езеро?

Кумулативно влијание
СОЖС дава еден малку ироничен коментар дека ,,земајќи ја предвид заштитената животна средина на регионот, разумно е да претпоставиме дека не е веројатно некои други проекти да бидат имплементирани во блиска иднина.’’ Оваа изјава е валидна единствено ако се во тесните рамки на паркот. Неколку други проекти, како што е оној за урбаниот развој во Лагадин, на северниот дел од крајбрежјето, и како најзначајно, кај Студенчишко Блато, кој е исто наменет за литоралната зона и нивното влијание може да ги засили ефектите на проектите на Галичица.
– Какво заемно влијание може да настане помеѓу потенцијалната загуба на последните блатни системи на Охридско Езеро и петте предложени развојни проекти, што се однесува на сливното подрачје?
– Зошто СОЖС на Citrus Partners LLP не успеа да ги земе предвид другите проекти за регионот Охрид-Преспа, оние надвор од воспоставените граници на Националниот Парк Галичица, кога е сосема разумно да се очекуваат кумулативни ефекти од овие проекти во комбинација со оние петте на Галичица? Нели е потребно отпочеток да се пресмета кумулативното влијание и да се земе и ова предвид?

Резонирање
Резонирањето на НП Галичица се чини дека е во спротивност со Законот за заштита на природата на Република Македонијаво кој се вели дека одредена зона мора претходно да ја изгубила својата природна вредност за да биде презонирана. Згора на тоа, иако СОЖС вели дека презонирањето ќе ја зголеми севкупната Зона за активно управување за 1.3% и со тоа ќе го доближи Паркот до потребната границата од 75% утврдена од IUCN, сепак не зборува за тоа како поинтензивното искористување во Зоната за одлжливо користење може да го ограничи понатамошното зголемување на Зоната за активно управување. Со други зборови, можно е Националниот парк во случајов да жртвува значително процентуално зголемување на Зона за активно управување во иднина, за релативно незначително зголемување сега.
СОЖС исто така не дава објаснување како се избрани новите гранци на Зоната за активно управување и Зоната за одржливо користење. Веројатно тие не се случајно одредени така што би сакале да добиеме образложение како и зошто се одлучило така, што би било клучно за да се утврди дали промените се еколошки оправдани.
Конечно, СОЖС не ги разгледува пошироките ефекти на презонирањето или пак социјалните последици од истите. Презонирањето во НП Галичица може да поттикне урбанизација и во други заштитени подрачја во Македонија што би имало зголемен збирен ефект врз биодиверзитетот.
4. Дали нашето разбирање на Законот за заштита на природата каде што стои дека одредена зона мора да ја изгубила природната вредност за нејзиниот статус да трпи измени е точно? Ако е така, ве молиме да покажете каде во означените зони за презонирање природната вредност е изгубена?
5. Зошто постоечките Зони за активно управување се наоѓаат таму каде што се? Врз основа на што е тоа одлучено?
6. Дали потенцијалот на НП Галичица да ја достигне утврдената долна граница за национални паркови на IUCN од 75% би бил поголем од оној сега во зависност од тоа дали проектите ќе се реализираат или не?
7. Според вас, каква порака испраќа презонирањето до македонската јавност во однос на важноста од конзервација и заштита на природата? Дали тоа е поверојатно да поттикне повисока еколошка свест и вреднување на биодиверзитетот?
8. Дали се согласувате дека со извршувањето на развојните проекти во НП Галичица, поверојатно е да се поттикнат урбанизирачки проекти и во други национални паркови и заштитени зони? Ве молиме образложете.

Имајќи го предвид сето горенаведено, Здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“ и Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ силно се противат на спроведувањето на предложените проекти. Предлагаме ЈУНПГ да се сврти кон алтернативен/активен туризам како извор на финансиска стабилност, метод кој за разлика од предложените промени на Планот за управување 2011-2020, е во целосна хармонија со Законот за прогласување на Галичица за Национален парк.

Advertisements

2 responses to “КОМЕНТАРИ ПО АНЕКСОТ НА НАЦРТ-ВЕРЗИЈАТА НА СОЖС ЗА ПРЕДЛОГ-ИЗМЕНИТЕ НА ПЛАНОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО НП ГАЛИЧИЦА 2011-2020

  1. Pingback: build.mk » Голем број реакции на плановите да се гради во Националниот парк Галичица·

  2. Pingback: [Колумна] Галичица – национален, а не забавен парк·

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s