Протестна нота против масовно труење

ЈУНИ 2019: Масовното труење на бездомни животни е слика која често се гледа во Република Македонија. После последниот налет убиства на животни во Охридскиот регион, Охрид ЅОЅ заедно со Активистите за заштита на животни на ниво на цела Македонија упати протестна нота до релевантните индтитуции со барање да преземат остри мерки за стопирање на масакрите и да обезбедат спроведување на законите.



Почитувани,

Со неискажлива загриженост ви ја упатуваме оваа протестна нота. Ние, Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, основани за и посветени на промоција и заштита на извонредните универзални природни и културни вредности на единствениот УНЕСКО регион во нашата земја и Активистите за заштита на животни на ниво на цела Македонија, ве повикуваме да постапите во согласност со вашата надлежност и да им ставите крај на бруталноста и примитивизмот што во моментов дивеат по улиците на Охрид, Струга и Ресен, каде што масовно се трујат бездомни животни.

Охрид, кој му е познат на светот како град на културата, центар на писменоста, лулка на религијата, бастион на цивилизацијата – во изминативе 10 дена се претвори во суштинска спротивност на овие епитети. Охрид стана епитом на злоупотреба, ужасувачка нечовечност и екстремна суровост. Улиците на градот се претворени во масовни гробници, насекаде има исклучително вознемирувачки сцени од беспомошни животни кои во пеколни маки го испуштаат својот последен здив во локва крв и повраќаница од сопствените распаднати органи. Таквата смрт ниту е спокојна ниту е безболна – тоа е смрт која претставува неподносливо мачење, кое повеќето од нас не можат ни да си го замислат. И ова не се случува само на улиците на Охрид, туку веќе се прошири и во Струга и Ресен каде што ги има истите грозоморни сцени и истото пеколно страдање на свесни, интелигентни суштества.

Македонските институции предолго целосно потфрлаа во овој поглед. Ниту една истрага не е до крај и професионално изведена. При ниту една истрага никој не бил казнет ниту осуден иако овие злодела се случуваат отприлика на секои два месеца во различни градови/области во нашата земја со десетици мртви животни по случај.

Најпрвин, правата на животните во оваа земја се загарантирани со македонскиот Закон за заштита и благосостојба на животните. Потоа, мачењето и убиството на животно е кривично дело според македонскиот Кривичен законик и за истото се предвидува казна затвор до 1 година. Расфрлањето отрови, исто така, е кривично дело според македонскиот Кривичен законик, со предвидена казна затвор од 1 до 5 години за извршителите, а за загрозување на животната средина со отровни и опасни материи со што се предизвикува опасност по животот и здравјето на луѓето и се уништува животински и растителен свет, предвидена е казна затвор до 10 години. Расфрлањето отрови не е закана само за бездомните животни, туку е и смртна казна за особено деликатната флора и фауна на регионот – отровите придонесуваат за загадување на водата и почвата. Вода, која ние, локалците ја пиеме. Почва, на која ние локалците си ги садиме овошјето и зеленчукот што ги јадеме. Локална организација за заштита на животните има документирано случај на труење на лебед – кој се смета за симбол на езерото. Лебедот бил најден мртов непосредно по масовни труења во струшкото село, Радожда. Расфрлањето отрови е сериозна опасност не само за животните, туку и за човекот, со тоа што малите деца се најмногу изложени бидејќи отровите расфрлани на нашите улици убиваат куче од 30 кг за само неколку минути!

Декларацијата за свесност, која ја потпиша меѓународна група составена од истакнати невронаучници, во присуство на г. Стивен Хокинг, го потврдува неспорниот и долго познат факт дека животните се свесни и интелигентни суштества и мора така и да се третираат. Човековиот најдобар пријател не заслужува овој геноцид со децении да поминува неказнето!

Ако македонската влада и македонските институции се вистински посветени на враќањето на правната држава, на зачувување на извонредната вредност на регионот – тогаш мора итно да постапат. Доста ни беше од празни изговори. Бараме итна истрага, но не таква која вечно ќе „е во тек“, туку ефективна истрага. Бараме да ги видиме злосторниците осудени. Бараме правда!

Бараме

а. МВР веднаш да излезе на терен да собира докази и по службена должност да ги достави на испитување во одделот за криминалистичка техника и судска медицина

б. Судска медицина да изврши аутопсии (некропсии) на труповите

в. Обвинителство да покрене обвинителен акт

г. Здружен инспекциски надзор од Агенцијата за храна и ветеринарство и Инспекторат за земјоделство (во чија надлежност е контрола на промет на опасни супстанци), како и Државниот инспекторат за животна средина кој ќе констатира опасност по животната средина, Инспекторат за здравство кој ќе констатира опасност по здравјето и безбедноста на граѓаните. Инспекторатите да достават соодветни решенија до МВР со лица кои набавиле такви супстанци во скоро време и/или да ги казни аптеките и да им изрече времена забрана за вршење дејност ако тие супстанци ги издале без соодветни процедури

д. МВР да најде осомничени врз основа на работата на сите институции погоре, да ги викне на распит, да разговара со сведоци

ѓ. Јавен обвинител да прогласи главен осомничен и да почне постапка

е. Судот да изрече казна поради несоборливи докази

ж. УНЕСКО, Интерпарламентарната група за заштита и благосостојба на животните во Европскиот парламент и Делегацијата на ЕУ во Скопје да ги искористат сите свои расположливи механизми за да поттикнат ажурност кај македонските институции и конечна разврска

Ако имаме закони, да ги почитуваме. Ако законите се кршат, да ги казнуваме виновниците. Бидејќи секој оној што ги погазува принципите на цивилизирано општество претставува закана за цивилизацијата.

Во очекување на вашиот одговор имајќи ја предвид итноста на ситуацијата.

Со почит,

Активисти на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ Активисти за заштита на животни на ниво на цела Македонија

Advertisements
%d bloggers like this:
search previous next tag category expand menu location phone mail time cart zoom edit close