Рамсарската конвенција за водни или блатни живеалишта од меѓународна важност, воедно единствена од ваков вид во светот, настанала како меѓудржавен договор во 1971 г. Рамсарската конвенција поттикнува национален ангажман и меѓународна соработка за заштита на водните живеалишта и нивните ресурси со цел да се овозможи одржлив развој насекаде во светот. Низ годините, Конвенцијата го проширила својот првичен домен на интерес – од живеалиштата на птици на водните живеалишта воопшто со цел да ги опфати сите аспекти на заштита и паметна употреба на овие екосистеми. Денес, Рамсарската конвенција е потпишана од 170 земји, а Рамсарската листа брои 2300 заштитени подрачја од меѓународна важност.
Што значи да се биде дел од Рамсар?
Блатните екосистеми се препознаени како биолошки најразновидни и економски најпродуктивни екосистеми поради екоситемските услуги што ги вршат. Тие се од витално значење за природната рамнотежа и одржливиот развој, што значи обезбедување на благосостојба на човековото живеење.

Впишувањето во Рамсарската листа на дадено подрачје води кон негова помудра и поодговорна употреба, кон поттикнување на научни истражувања и меѓународна соработка, задржување на еколошкиот карактер на подрачјето и отвора можности за финансирње, овозможува подобар публицитет и престиж, а со тоа и зајакнување на туризмот и инвестициите во дадениот регион.
Ставањето на Студенчишко Блато на Рамсарската листа е исклучително важно за Република Македонија, бидејќи после многуте демони на бетонизацијата кои го опседнуваа особено последниве неколку години, чинот на негова заштита ќе биде реална потврда за неговото вреднување и гаранција на државата дека сега или во иднина последното охридско блато нема да биде третирано како градежно земјиште.
Хронологија: Што го сопира процесот?
Република Македонија ја ратификувала Рамсарската конвенција во 1977 г. Во 1995 односно 1996 прво на листата влегува Преспанското Езеро со Природниот парк Езерани. Во 2008 уште еден македонски претставник, Дојранското Езеро го добива ова меѓународно признание. Охридското пак, најстарото езеро во Европа од непознати причини веќе со децении чека да биде номинирано од македонска страна. Охридско Езеро ги исполнува сите 9 критериуми за номинација, а за влез на Рамсарската листа потребно е да се задоволи барем еден.
Важноста на Студенчишко Блато е веќе добро позната и научно неспорна токму како блатен систем во функционална симбиоза со Охридското Езеро. Идејата за негово прогласување за Споменик на природата е стара со децении, а повеќе од 20 години е на шедоу листата (shadow list) на Рамсар. Прв исчекор во тој правец беше направен во 2008 г. со мал проект на Лимнолошкото друштво – “Ревитализација на охридското блато Студенчишта”, финансиран од МЖСПП чиј координатор беше д-р Марина Талевска од Хидробиолошкиот завод. Конечно, во 2012 беше изработена Интегрирана студија за состојбата на остатоците од Студенчишкото Блато која утврди дека Студенчишкото Блато се протега на површина од 63,97 хектари и го препорача сленото зонирање: Зона за одржливо користење 27,58 хектари, Зона за активно управување 20,74 хектари, Строго заштитена зона 15,65 хектари, додека заштитната зона околу целото не беше утврдена. Со оглед на измените во регулативата токму во истата година, за прогласување на Блатото за заштитено подрачје, потребно е да се изработи Студија за валоризација што во случајот значи проширување на постоечката интегрирана студија.

Имајќи ја во вид исклучителната функција на Студенчишкото блато, неговата постојана деградација и ризикот од целосно уништивање, а во функција на забрзување на процесот на заштита, во октомври 2017 Охрид ЅОЅ заедно со Е.Д.Е.Н. поднесоа иницијатива до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за конечно нашето најскапоцена водно богатство да се удостои со рамсарската титула, имено Охридско Езеро и Студенчишко Блато да се прогласат за Рамсар подрачје. Иницијативата беше поддржана и од Друштвото на научници од областа на блатните екосистеми (SWS). На 20 март 2018, на својата 60 седница Владата на Република Македонија ја усвои одлуката за номинација на Охридското Езеро заедно со Студенчишко Блато за Рамсар, репрогласување на Охридско Езеро и прогласување на Студенчишко Блато за споменик на природата, за што ги задолжи МЖСПП и трите општини (Охрид, Струга и Дебарца). Со тоа, конечно овој процес можеше да почне. Во меѓу време, со цел да го олесни и забрза процесот, Охрид ЅОЅ изработи и комплетна листа на расположливи податоци и трудови како повеќе од доволна основа за исполнување на критериумите на Рамсар која беше доставена до Македонскот Рамсарски комитет (МРК) и МЖСПП во април 2018. Со оглед на тоа, се очекуваше МРК процедурата да ја заврши многу брзо, но тоа не се случи. Зачудувачки, токму самите тие, веќе со месеци го попречуваат процесот и одбиваат да ја пополнат апликацијата со образложение дека нема доволно научни податоци и дека еколошката вредност на подрачјето не е утврдена. Ова е зачудувачки со оглед на фактот што ставањето на Студенчишко Блато под заштита беше една од целите на Националната стратегија за биолошка разновидност што требаше да се случи најдоцна 2018 година.
Дополнително, Охрид ЅОЅ заедно со Е.Д.Е.Н. беа иницијатори Охрид да биде домаќин на минатогодишната Европска конференција на Друштвото на научници од областа на блатните екосистеми (Society of Wetland Scientists Europe Chapter), а беа и локални организатори на истата која се одржа во мај. Од конференцијата 45 експерти излегоа со Декларација за заштита на екосистемот на Охридското Езеро (во оригинал: Declaration on the protection of Lake Ohrid ecosystem) која ги повикува надлежните во Р. Македонија да ја подобрат заштитата со впишување на Езерото и Блатото во Рамсат кое е „одамна очекувано и добредојдено во Рамсарскиот секретаријат“, а „за процесот на прогласување се целосно доволни информациите кои се во моментов достапни“. На конференцијата, претставникот на МРК и МЖСПП, г-дин Александар Настов укажа дека стратегиите за заштита на природата и биодиверзитетот не се реализирани (наша забелешка: каде е предвиденo прогласување на Блатото за Споменик на природата) и побара забрзување на активностите. На истата, тогашниот градоначалник на Охрид, г-дин Јован Стојаноски изрази решеност за заштита на Блатото до крајот на 2018. Во извештајот од 19 ноември по повод една година од преземањето на функцијата градоначалник, се вели „континурирано и систематски спроведуваме активности за заштита на Студенчишкото Блато“. Скоро до крајот на 2018, работите сè уште беа на почетната точка – долгонајавуваната донаторска конференција за изработка на нова студија не се одржа, додека на работ на Блатото се појави нова депонија на градежен и друг отпад. Дури кон средината на декември Оштина Охрид објави барањето за прибирање на понуди за изработка на Студија за валоризација на просторот на Студенчишко Блато заради негово прогласување за заштитено подрачје. Колку долго ќе трае оваа фаза е непознато во овој момент.
Меѓутоа, траба да се напомене дека студијата за валоризација е услов за прогласување на Блатото за Споменик на природата, но не e услов за прогласување на Блатото и Езерото за водно живеалиште од меѓународна важност според Рамсарската конвенција. Имено експертите на Рамсар на неколку наврати, па дури и писмено тоа им го дадоа до знаење на нашите релевантните институции, но тоа упорно се игнорира, особено од Македонскиот рамсарски комитет. Процесот едноставно се одолговлекува, додека во меѓу време на повидок се нови, големи планови за урбанизација во непосредна близина на Блатото, дури и подрачје што би требало да биде дел од заштитниот појас на блатото како заштитено подрачје. Имено, во јули 2018 беше презентиран Извештајот за стратегиската оцена на животната средина за туристички комплекс Горица 2 на 44 хектари, Горица север е исто така на градежната мапа, нови планови за марина во Блатото повторни испливаа на површина.

Македонските институции ја имаат и алатката која законот ја овозможува, а тоа е ставање на дадено подрачје (за кое се проценува дека има значителна природна вредност) под привремена заштита со цел да се спречи негова натамошна деградација додека не се направат сите предвидени истражувања. Меѓутоа, никој не посегнал по неа.
Се добива впечаток дека постапките за плановите за урбанизација сè одвиваат далеку поврзо од оние на заштита. Не постојат никакви пречки, Охридското Езеро и Студенчишко Блато до сега да не бидат прогласени за Рамсар подрачје. Додека процесот се одолговлекува, нивната состојба се влошува.
Рамсарската иднина на Студенчишко Блато
Спасувајќи ги системите кои го одржуваат животот (Saving Life-support Systems, 2018) – прв извештај од ваков вид кој WWF го подготви за соработката со Рамсар беше објавен во октомври мината година како „повик за будење“. Тој предупредува на алармантната стапка со која светот ги губи блатните односно водните живеалишта. За последните 45 години изгубени се 35% од тие што преостанале во светот, додека Европа има изгубено 2/3 од своите водни екосистеми само до средината на 80-тите. Тие се нарекуваат „животно-оддржувачки системи“ бидејќи без нив човекот не може да опстане, но неопходно е, повеќе од било кога, на истите да им се гарантира трајна заштита. Како што потенцира и директорката на Рамсар, Марта Рохас Урего: „Вредноста на блатните екосистеми и услугите кои тие ги обезбедуваат е опасно потценета“. Во тој контекст треба да потсетиме дека Студенчишкото Блато е единственото функционално блато на македонската страна од Охридско Езеро. И не случајно во последниот извештај на ИУЦН од ноевмри 2017 (World Heritage Outlook, IUCN) како приоритетна потреба на охридското подрачјето се наведува “обнова на блатните екосистеми“. Тоа е она што ние нужно мора да го заштитиме, веднаш.
Она што е многу важно за нас, од 2012 г. Рамсар заедно со Светската туристичка организација при Обединетите нации (UNWTO) започна активна кампања за валоризација на туристичките потенцијали на заштитените подрачја и веќе има позитивни примери на координација меѓу економските потреби и заштитата на природата. Тоа овозможува луѓето да се приближат кон природата, но што е уште поважно, подобро да ја разбреат спрегата помеѓу одржувањето на водните екосистеми и квалитетот на своето живеење. Ваквиот тренд укажува на една нова тенденција што произлегува од јакнењето на разбирањето на вредноста на екосистемските услуги на водните живеалишта на глобално ниво и неоходноста од што посигурна заштита. Искуствата низ светот говорат за успешно обновување на блатните екосистеми и двојната добивка од нив, не само директно преку природните функции на екосистемите, туку и преку развој на туризмот. Во тој контекст, препознавањето на културолошките функции на екосистемските услуги овозможува да се надмине трагичната дистанца меѓу науката и пошироката јавност која доведе до тоа природните подрачја од исклучителна вредност да останат непознаница надвор од научните кругови, да бидат занемарени и во некои случаи, како што е со Студенчишко Блато, да бидат третирани како препрека наместо ресурс за развој.
Во контекст на нашето Блато, прогласувањето за Рамсарско подрачје може да оди рака под рака со негово откривање како туристичка атракција. За таа цел Охрид ЅОЅ изработи и Проект за заштита и туристичка валоризација на Студенчишко Блатосо примена на современи начини на промоција, некои во комбинација со нови технологии. Затоа, со ставање под заштита се отвораат и можности за поуспешен развој на еко-туризмот и научниот туризам и збогатување на туристичката понуда во охридскиот регион и тоа, што е особено важно, надвор од летната сезона. Тоа исто така отвора и можност за охридско-преспанска и прекугранична регионална интеграција што би ја зголемила атрактивноста на туристичката понуда. Рамсар всушност е начин за брендирање на Блатото преку неговата исклучителност. Ставањето на Студенчишкото Блато на туристичката мапа ќе обезбеди не само дополнителна економска добивка, туку едновремено ќе придонесе за едукација, подигање на знаењето и свеста за вредноста на овој екосистем и ќе гарантира одржлив развој преку трајно зачувување на екосистемските услуги. Бидејќи Студенчишко Блато не му е потребно само на Езерото, тоа го поддржува животот на сите.
* * *

Aктивности на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ во насока на заштита на Студенчишко Блато
Почнувајќи од 2015г. Охрид ЅОЅ ревносно се бори против идеите за уништување на Блатото, учествуваше на јавни расправи за измени на урбанистичкиот план кој требаше Студенчишко Блато да го претвори во градежна парцела. Понатака постојано работи на подигање на јавната свест и јакнење на знаењето за важноста и неопходноста од ревитализација на Блатото преку социјалните мрежи, текстови на веб страната, активности и промотивни материјали и редовно го одбележува Денот на блатните екосистеми со едукативни содржини за важноста на екосистиемските услуги на блатата. Охрид ЅОЅ учествуваше со трудови или презентации на три последователни конференции на Европскиот огранок на SWS, придонесе со научни трудови, подготви цело поглавје за Студенчишко Блато во Wetlands and People at Risk (труд кој треба да биде издаде од IUCN), вовлече врвни светски експерти од областа на блатните системи, го сврте вниманието кон овој проблем во извештајот до Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и со јавно обраќање пред Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во 2017 во Краков. Понатака помогна Охрид да биде избран за домаќин на овогодинешната конференција на Европскиот огранок на Друштвото на научници од областа на блатните екосистеми, поднесе иницијатива за ставање на Студенчишко Блато под заштита и конечно изработи Проект за заштита и туристичка валоризација на Студенчишко Блато. Повик за поголем ангажман на Комитетот за светско наследство во однос на Студенчишко Блато, Охрид ЅОЅ ќе упати и на Форумот на World Heritage Watch кој ќе се одржи во Париз на 4 и 5 февруари.