ИКОМОС #43WHC

03 јули 2019: Експертите за култура од Меѓународен совет за споменици и локалитети (ICOMOS) обезбедија детална анализа со цел спроведување на Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО. Како и повеќето стручни тела, тие веруваат дека Охридскиот Регион во Македонија ги исполнува критериумите на прогласување на светско наследство во опасност.

Подолу можете да го прочитате целосниот говор на ИКОМОС на 43та Седница на Комитетот за светско наследство во Баку.


Загриженоста изразена во Извештајот за состојбата со заштитата (на Охридскиот Регион), се однесува на загриженоста која беше изразувана во извештаите до Комитетот за светско наследство веќе 30тина години. Таа произлегува од кумулативната ерозија на атрибутите на „исклучителната универзална вредност“, а не само од влијанието на еден или повеќе поголеми проекти.

Во времето кога овој локалитет беше впишан како мешан локалитет, во 80тите, тогаш, градовите Охрид и Струга беа добро зачувани, сместени во речиси недопрена природа, која беше препознаена по исклучителната убавина, како суштински дел од нивната позиционираност.

Во 1988 година, при првата Реактивна мониторинг мисија (во понатамошниот текст Мисија) на локалитетот беше забележана огромно зголемување на градежни активности и населување кои сериозно ја променија изворната рамнотежа во регионот заедно со градот Струга кој се прошири и приклучи кон себе нови населени места. Беше уште забележано дека економскиот и демографскиот развој предизвикаа закани за вредностите на локалитетот и дека е неопходно да се решаваат преку интегриран пристап и заштитни мерки кои ја поврзуваат заштитата на културното и природното наследство. Извештајот на Мисијата ја нагласи потребата од посебна правна рамка за овој регион кој се наоѓа на листата на светско наследство, која би го зајакнала управувањето и подготовката на просторниот план.

Скоро сите овие мерки се сèуште потребни.

Следната Мисија која беше поканета во 2013 г. идентификува слични проблеми како и претходната: непостоење на соодветна правна рамка, целосно одвоени начини на управување итн. Беше воочено дека, на симболично место на ридот од кој се гледа целиот град, беше реконструирана манастирска црква од 9ти век и отппочната изградба на големи зданија за новиот Светиклиментов универзитет. Беа утврдени два неконтролирани градежни зафати во градот и уште повеќе на крајбрежјето. Како и претходно, не постоеше координација помеѓу културата и природата ниту имаше соодветно управување и заштита.

Мисијата од 2013 г. заклучи дека сето ова влијаело врз ерозија на автентичноста и интегритетот на локалитетот. Беше препорачано, имајќи ја предвид осетливоста на археолошките остатоци на локалитетот (Плаошник) и неопходноста од зачувување на важните визуелни кавлитети, дека мора да се воспостави целосно фунционално управување што поскоро и да се обезбеди примена на конзерваторски политики кои ќе ја контролираат Исклучителната универзална вредност.

Последната Мисија во 2017 г. наиде на уште повеќе големи градежни и инфраструктурни проекти кои беа во подготовка, и ја упати државата членка да спроведе стратегиска оцена на кумулативното влијание врз Исклучителната универзална вредност на доброто од овие големи проекти. Генерално беше утврдено дека сè уште нема соодветно управување и заштита, и дека не е донесен ниту план за управување.

Комитетот, разгледувајќи го извештајот на Мисијата, заклучи дека општата состојба на заштита на подрачјето станува сè поранлива и ако прироритетните препораки од Мисијата не се спроведат во период од две години, локалитетот може да се соочи со последици во согласност со Оперативните насоки.

Најновиот Извештајот за состојбата со заштитата ги разгледа овие приоритетни препораки и нивната реализација на терен, и заклучи дека поголемиот дел останаа нереализирани, исто како и поголемиот дел од барањата на Комитетот.

Во клаузулата (при впишувањето) која се однесува на Исклучителната универзална вредност за локалитетот, особено се нагласува концентрацијата на археолошки остатоци и урбани структури не само во центарот на стариот дел од Охрид, туку и покрај крајбрежјето и во околината, кои заедно создаваат исклучително хармонична групација со целовитост која произлегува од ускладеноста помеѓу градбите и природното опкружување.

Сè уште ги немаме на дело неопходните основи на систем за управување кој би ја конролирал постепената ерозија на овие атрибути, и овие опасности кои го демнат регионот уште од времето на првата Мисија пред 31 година. Дополнително на овие закани се и негативните влијанија на големите инфраструктурни и градежни проекти.

ИКОМОС смета дека и индивидуално и колективно, ова преставува потенцијална закана за Исклучителната универзална вредност; дека во однос на овие закани треба да се преземат итни мерки; дека овие мерки треба да бидат спроведени што побрзо со цел да се запре континуираната ерозија на атрибутите на Исклучителната универзална вредност. Со таа цел, сметаме дека ставањето на (Охридскиот Регион на) Листата на подрачја во опасност сега треба да се употреби како помошен инструмент.

search previous next tag category expand menu location phone mail time cart zoom edit close