Пет причини зошто ја сакаме SWS 2018

Официјално, вечерва почнува годишната Европска конференција на Друштвото на научници од областа на блатните екосистеми или Society of Wetland Scientists (SWS). Оваа година Охрид е домаќинот!

Охрид ЅОЅ особено се радува на овој настан, а еве и зошто.

1. СТУДЕНЧИШКО БЛАТО

Пред четири години само малкумина надвор од гранците на Македонија имаа слушнато за Студенчишко Блато. Иако, од исклучителна важност за едно од најбиодиверзитетните езера во светот, нему му се закануваше целосно уништување – требаше да отстапи место за луксузни апартмани и хотели.
Во 2018, Студенчишко Блато не само што е сè уште со нас, туку сега чека околу 50 гости од целиот свет. Од заборавено и потценето парче на охридското крајбрежје, Студенчишко Блато полека „исплива на површина“, а овие неколку денови, ќе биде вистинска ѕвезда.

2. НАУЧЕН ТУРИЗАМ

Веќе одамна потенцираме дека охридскиот регион може и треба да го искористи огромното биолошко и геолошко богатство за да таргетира пазари и потрошувачи кои се грижат за заштитата на природата наспроти бескрупулозна екплоатација и деградација на природното богатство. Пристигнувањето на голем број експерти од различни земји ја потврдува моќта на Охрид да привлече ваков тип на посетители кои ретко кое друго место може, а воедно се отвора можноста и Охридското Езеро да стекне нови пријатели.

3. СУПЕРХЕРОИТЕ ОД SWS

Многу меѓународни организации останаа на страна и оставија уништувањето да се случи. Не и SWS! Во мрачните денови, кога Студенчишко Блато беше на раб на уништување, SWS прозборе во одбрана на живеалиштата и видовите кои не може сами да се одбранат. Покрај тоа што се обратија до тогашниот градоначалник на Општина Охрид, проф. д-р Јос Ферхуфен во улога на претседател на Европскиот огранок ја посети Македонија за да учествува на тркалезна маса, а беше и коавтор, заедно со Охрид ЅОЅ на научен труд (објавен во Wetland Science and Practice), сè со цел проблемот и значењето на Студенчишко Блато да се популаризира помеѓу експертската заедница. Уште повеќе, SWS застанаа во поддршка на иницијативата на Охрид ЅОЅ во 2017 за впишување на Студенчишко Блато и Охридско Езеро на Рамсарската листа на водни системи од меѓународна важност. Во март оваа година, Владата на Република Македонија ја прифати оваа иницијатива.

4. ВИЗИЈА ЗА СТУДЕНЧИШКО БЛАТО

На Денот на блатните екосистеми, Охрид ЅОЅ објави предлог-проект за воспоставување на систем на заштита и промоција на Блатото како иницијатива за развој на одржлив туризам во вистинска смисла на зборот. Каде, ако не во Студенчишко Блато?! Овој проект до сега беше достапен само на македонски, но за оваа пригода подготвивме и англиска верзија.

5. ЗНАЕЊЕ

Напоредно со презентациите на уникатната природа на водните системи на Охрид и Преспа и со нив поврзаниот екосистем на Студенчишкото Блато, конференцијата на SWS во Македонија ќе донесе пионерски информации за блатните екосистеми, нивните екосистемски услуги и најефективниот начин за нивна заштита.

Со возбуда ја очекуваме презентацијата на Руд Кампф за кружната економија (circular economy) и улогата на блатните системи во кружниот тек на водата во урбаните средини; реконструкцијата на климатските промени од дамнешното минато преку Преспанското Езеро на Александра Цветковска; резултатите на Ник Дејвис од истражувањето на „граѓаните во науката“ (citizen science) во блатните системи; и се разбира, предлогот на Данел Монтагуд за заштита на убавото Студенчишко Блато…

search previous next tag category expand menu location phone mail time cart zoom edit close