Впечатоци од 13-та Конференција за блатни екосистеми одржана во Охрид

Ако сега, ден по завршувањето на конференцијата, треба да ги опишам настаните и моите впечатоци само со неколку збора, би рекла: знаење, енергија, пријателство, оптимизам. И огромна желба сето тоа да биде споделено и да стигне до секој еден кој беше присутен на научните сесии и на теренските прошетки.

Ме изненади силата со која што ова стигна и до оние кои се одлучувачки фактори во моментов, без оглед дали е тоа на локално или на централно ниво. И заедничкиот јазик со кој се зборуваше независно од тоа преку кој прозорец ги гледаме нештата.

Се радувам што една група млади, но толку силни луѓе, полни со ентузијазам и нескротлива желба да ги исфрлат вистинските вредности на површина, успеаја во идејата да му се покаже на светот дека се бориме. И дека убавината на живеењето е да дишеш со полни бели дробови и во ритамот на природата. Никако поинаку!

Конференција беше повеќе од успешна. Еминентни научни имиња го видоа Охрид, уникатното езеро и околината, верувам се заљубија во него, ги видоа потенцијалите и го ставија својот потпис во одбрана на она што секојдневно, повеќе или помалку го занемаруваме и ни се распаѓа пред очите.

Им благодарам на моите пријатели (и покрај тоа што дел од нив штотуку ги запознав, горда сум што можам да ги наречам така) што ми укажаа доверба да бидам дел од овие случувања.

Благодарам Охрид ЅОЅ! Искрено сум убедена дека флуидот ќе се пренесува и шири.

Д-р Орхидеја Тасевска, Охрид 5 мај, 2018

search previous next tag category expand menu location phone mail time cart zoom edit close