02/02 Светски ден на водните екосистеми

Денес е светскиот ден на водните екосистеми. Оваа година тој се одбележува под слоганот:„Водните екосистеми, водата и животот“ чијашто цел е да ја нагласи неразделноста на чистата вода и нашето здравје, благосостојба и опстанокот на живиот свет воопшто. А, чистата вода ќе ја нема без здрави водни екосистеми. Тие, особено блатата, се мрестилишта за риби и гнездилишта за птици, помагаат за филтрирање на водата, го заробуваат јаглеродниот диоксид, тие се заштитник од пестициди, од поплави, тие се природен систем кој може да ги намали негативните ефекти од климатската криза која веќе ја чувствуваме.

Во оваа прилика се осврнуваме на активностите кои Граѓанската иницијатива #ОхридЅОЅ ги има преземено до сега, состојбата на Студенчишкото Блато и заканите кои го демнат.

1. Охрид ЅОЅ се спротивстави на обидот на Општина Охрид во 2015 г. да го бетонира Студенчишко Блато. Оттогаш, веќе 6 години континуирано се бори Блатото да не се урбанизира, туку да се стави под заштита.

2. Во 2017 г. поднесе иницијатива до Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за прогласување на Студенчишко блато за Споменик на природата и заедно со Охридско Езеро, за прогласување на Воден екосистем од меѓународна важност според Рамсарската конвенција.

3. Во 2018 г. изработи предлог Проект за ревилатизација и туристичка валоризација на Студенчишко Блато кој е поднесен до Општина Охрид.

4. Во мај 2018 г. Охрид ЅОЅ беше локален организатор на Европската конференција на друштвото на истражувачи на блатните екосистеми Society of Wetland Scientists European Chapter.

5. Од 2016 до 2021 г. наши членови учествуваа со свои излагања на четири Европски конференции на SWS.

6. Охрид ЅОЅ активно лобираше кај меѓународните експерти од областа на водните екоситеми за помош околу заштитата на Студенчишко Блато што резултираше со неколку дописи од светски научници до Општина Охрид и МЖСПП и МРК, Декларацијата за заштита на екосистемот на Охридско Езеро, изработена мапа со предлог-граници на идното рамсарско подрачје.

7. Во март 2019 Охрид ЅОЅ поднесе инцијатива до Хидробиолошкиот институт – Охрид за ставање на Студенчишко Блато под привремена заштита. Исто така се избори истото да стане дел од Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

8. Како резултат на постојаното опструирање на процесот за номинирање на Охридско Езеро заедно со Студенчишко Блато за рамсарско подрачје од страна на Македонскиот рамсарски комитет (МРК) и МЖСПП, во 2019 г. комплетно волонтерски го подготви апликациското досие (Ramsar Information Sheet) на скоро 100 страници и доби потврда од Рамсарскиот секретаријат во Швајцарија за неговата прифатливост.

9. Наши членови подготвија: труд во научно списание за блатни екосистеми (Wetlands & Practice), конференциски труд и поглавје во книга во издание на ИУЦН (во подготовка), исклучиво посветени на Студенчишко Блато.

10. Студенчишкото Блато е составен дел на наши презентации пред граѓани, студенти, организации, публикувани анализи, пет извештаи во World Heritage Watch Report, четири извештаи до UNESCO итн.

11. Охрид ЅОЅ го сврте вниманието на УНЕСКО кон Студенчишкото Блато кое беше занемарено во нивните евалуации.

12. Охрид ЅОЅ веќе 6 години посветено ги информира граѓаните за важноста на Студенчишко Блато, за заканите со кои се соочува, се спротивставува на негово уништување (со изградба на марина или друга урбанизација), води кампањи за негова заштита, учествува во акции за чистење, организираше едукативни тури и што уште не.

Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ е волонтерска група.

Состојбата и заштитата на Студенчишко Блато

1. Студенчишко Блато е во континуиран процес на деградација, негови делови се узурпираат година за година. Дури и да се стави под заштита денес, ќе треба многу стручна работа и посветеност за негова ревитализација. И секаква идна градба во непосредна близина ќе биде нова закана по неговата функционалност.

2. Со изградба на асфалтната патека, значително е прекината неговата врска со Охридско Езеро што е клучно за извршување на екосистемските услуги (прочистување, мрестење итн.).

3. Со изградба на плажите во крајбрежјето на Блатото предизвикана е значителна деградација на крајбрежниот екосистем при што Индексот на брегова функционалност (SFI) се намалил за 3 нивоа (од категорија „добар“ во категорија „лош“) што значи брегот не може да ја обавува својата еколошка функција.

4. Идеите за изградба на марина не се напуштени, иако за штетноста на истата се предупредува во бројни стратегии, студии за оцена на влијанието врз животната средина, валоризации итн. Токму напротив, тие од време на време повторно излегуваат на површина, неретко иницирани/поддржани од носители на јавни функции и локалните власти.

5. Студенчишко Блато да биде прогласено за рамсарско подрачје беше зацртана цел во три последователни Стратегии за биолошка разновидност изработени од МЖСПП и трите рокови беа пробиени. Од прифаќањето на нашата иницијатива од страна на Владата во март 2018 г. изминаа цели 3 години. Од нашето предавање на досиетo до МЖСПП и МРК во јули 20219 г., до негово поднесување во Рамсарскиот секретаријат поминаа 19 месеци. Конечно, на 7 мај 2021 г. Рамсарскиот секретаријат го прогласи Охридско Езеро со Студенчишко Блато за водно живеалиште од меѓународна важност.

6. Границите на идното рамсарско подрачје предложени од домашни и европски експерти беа два пати редуцирани од страна на МЖСПП, така што Калишко Блато и делови од Далјан до Андон Дуков беа изземени од рамсарското подрачје.

7. Иако Студијата за валоризација беше изработена во март 2020 г., процесот на прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје не е завршен.

8. Студенчишко Блато беше ставено под привремена заштита дури во јули 2021 г., или скоро 10 години по изработката на првата студија за негова валоризација и година и пол по усвојувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион 2020-2029.

9. Во меѓувреме Општина Охрид прави планови за тешка урбанизација на Горица Север која се граничи со идното заштитено подрачје – Студенчишко Блато на југ; урбанизација на северната страна на каналот Студенчишта со изградаба на големи сместувачки објекти и хотели, а според Студијата за валоризација, урбанизацијата би била дозволена и во самото заштитено подрачје на Студенчишко Блато.

Верувате дека вистински посветени институции платени со нашите пари до сега не можеле да направат повеќе за Студенчишко Блато од тоа што го направила група волонтери❓

search previous next tag category expand menu location phone mail time cart zoom edit close