Октомври, 2019: Во рамките на проектот Power to the People, Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. промовираа Прирачник за правна самопомош и активизам во област животна средина, наменет за млади активисти и почетници.
На промоцијата која се одржа во Скопје на 26 октомври, 2019 г., пред поголем број млади говореа Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници и Благоја Пандовски, адвокат, но и активисти со долгогодишно искуство во областа на животната средина: Владимир Трајановски – Охрид ЅОЅ, Горјан Јовановски – автор на апликацијата „Мој воздух“, Иво Босилков – основач на Fridays for Future Скопје, Лазар Ѓуров, Божидар Јововиќ.

Прирачникот, кој го ставаме достапен на јавноста, на разбирлив јазик нуди основни информации и насоки, како и многубројни примери од искуствата на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ. Преку него, на младите активисти и воопшто на секој граѓанин му се нуди едноставен патоказ низ навидум бескрајните и темни институционални лавиринти. Тој има за цел да ги охрабри луѓето да делуваат, да научат да ги остварат своите права и да докажат дека не се немоќни. Секој од нас има огромна моќ, а македонскиот устав и законите ги гарантираат сите наши права. Сѐ што треба е да бидеме искрени, истрајни, добро да си ги знаеме правата и секако, несебично да работиме за позитивна промена и општо добро.
Нашата порака кон секој граѓанин е:
ТИ ИМАШ МОЌ И ТИ МОЖЕШ СЀ ДА СМЕНИШ!
Проектот Power to the People беше финансиски овозможен од Фондацијата Хајнрих Бел.