ВО ОХРИД СЀ ТЕЧЕ, СЀ СЕ МЕНУВА, САМО ЛОШОТО ВЛАДЕЕЊЕ СИ ОСТАНУВА

СТРАТЕШКИ ДОКУМЕНТИ ЗА ЕДИНСТВЕНИОТ МАКЕДОНСКИ УНЕСКО РЕГИОН ИЗРАБОТЕНИ ПОД СЕКАКВИ СТАНДАРДИ

И додека Охридскиот Регион е на портите на УНЕСКО Светско наследство во опасност, каде што и де факто припаѓа – според проценката на Центарот за светско наследство, ИУЦН и ИКОМОС – надлежните институции во Македонија продуцираат стратешки документи кои ни оддалеку не можат да одговорат на задачата која им е поставена – а таа е да дефинираат рамка со која ќе се гарантира воспоставување одржливо управување со Охридскиот Регион, контрола на урбанизацијата, запирање на вртоглавиот процес на деградација, унапредување на природните квалитети и трајна заштита на светското наследство во иднина. И тоа, десет години откако ова го зацртаа во Законот за управување со Охридскиот Регион.

Во духот на една добро позната шега – ако вака го браните Охридскиот Регион, фала, ама доста го браневте!

Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, највлијателната неформална волонтерска активистичка група од регионот која веќе пет години е континуирано посветена на заштита и унапредување на исклучителната универзална вредност на единствениот УНЕСКО Регион во Македонија, на 2 декември 2019 г. поднесе над 100 страници свои коментари на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион 2019-2028 г. и Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на животната средина за План за управување со природно и културно наследство во Охридскиот Регион 2019-2028 г. до Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за култура на РМ.

Нашиот генерален заклучок е дека овие два документа се многу далеку од неопходното ниво за едно од најзначајните природни жаришта на европско тло, воедно и центар на шест илјади години цивилизациско наследство. Планот и Стратегиската оцена кон Планот се изработени крајно површно и непрофесионално и како такви не може да гарантираат трајна заштита на Охридскиот УНЕСКО Регион.

Од самото конципирање на документите до начинот на кој се спроведува процесот за нивно усвојување, вклучително консултации со јавноста, двата документа се олицетворение на практики што не им доликуваат на лица кои имаат статус на експерти, практики што во никој случај не ѝ доликуваат на влада која се претставува себеси како целосно посветена на темелна и сеопфатна заштита и унапредување на единствениот УНЕСКО регион во нашата земја. Дилетантизам од највисок степен, повез без содржина, кој не би поминал ни како семинарска на студент од прва година.

Најпрвин се соочивме со безочно кршење на закони при организација на самиот процес на т.н. „консултации со јавноста“, што наместо да гарантираат ефективна комуникација со засегнатите страни, всушност, како и секогаш беа само евтини театарски претстави скапо платени со народни пари. Според документите, тие биле изработени со „широка консултација со засегнатите страни“, но Охрид ЅОЅ – единствена организација од регионот која се занимава со проблематиката на УНЕСКО – не беше воопшто вклучена. И покрај „крајно транспарентните“ процеси, клучни информации останаа недостапни за јавноста, како на пример мапи со соодветен квалитет за предложени зони за Регионот и др., што е апсурд, бидејќи така јавноста беше лишена од можноста да даде информирани забелешки.

Самите документи, пак, не се ништо повеќе од типичен одраз на суровата реалност во која живееме – во оваа земја останаа само оние без интегритет и трошка професионалност да ни ја кројат иднината и да носат одлуки во името на сите нас. Во продолжение подетален осврт од анализата на Планот за управување и Стратегиската оцена на животната средина (СОЖС) кон Планот.

Иако СОЖС произлегува од препораките 7 и 8 на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и целта на овој документ е да го оцени Планот за управување и да ги пресмета кумулативните влијанија од сите инфраструктурни и други предложени/планирани проекти, СОЖС не ја исполнува целта за која е создадена.

Изработувачот на СОЖС очигледно не прави разлика помеѓу оценување на градежен проект и на план за управување. Заклучоците се, во суштина, ограничени на тоа дали одредени предвидени активности во Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион ќе имаат позитивен или негативен ефект. Нема темелна анализа, не се нуди критичка проценка дали Планот е доволно добар за да може оптимално да се реализираат целите наведени во него, дали овие цели се соодветно избрани за да се зачува исклучителната универзална вредност на регионот, ниту се наведени можните ризици за/од неспроведување на Планот.

Дури и обичен набљудувач со ограничено искуство во Република Македонија, веднаш би ги препознал ризиците од политизација во Планот за управување; хроничните одложувања на процесот за номинација на заштитени подрачја; оставениот простор за законски маневри за да се намали или да се поништи влијанието на законите за заштита на природата и животната средина; и длабоко вкоренетата дисфункционалност на надлежните јавни институции која нема да може да се реши само со учество на обуки и зајакнување на капацитетите (како што е примерот со Македонскиот рамсарски комитет). Во СОЖС не се отпочнати корисни дискусии за постоечките закани, а отсуствува и секаков обид за предлагање решенија – како на пример, времено заштитени зони или реформирање на неефикасните државни служби чиј мандат е природното и културното наследство (заштита, промоција итн.). Непознато е како ќе се осигури соодветна реализација на многубројните измени во регулативата кои се неопходни и без кои Планот не би можел да се ефектуира. Во тимот кој ја работел СОЖС нема дури ни вклучено правен експерт кој би разјаснил одредени специфични закони што е нужно да се изменат.

Ни основните стандардни податоци не ја исполнуваат целта. Позадинските податоци како на пример, демографија и клима се земени од пред 30 години и воопшто не нудат никакви корисни заклучоци; бројките за нелегални градби се, исто така, контрадикторни и погрешни. Мапите и другите визуелни помагала (фотографиите) не нудат квалитетна содржина која би била од корист при увидот и оформувањето ставови. Повеќето информации кои се обезбедени за бродскиот сообраќај или за климатските промени не се интегрирани во опсежниот СОЖС документ, ниту во Планот за управување. И поради тоа, важноста на СОЖС е предмет на сомнеж. Влијанијата и заканите врз Галичица генерално се игнорирани. Не се наведени опасности, како на пример, губење на алпските зони како резултат на климатските промени и зголемениот притисок од спортски активности (трка со автомобили околу двете езера, турите со теренски возила 4X4, ATV, ултрамаратон и слично.), нема препораки за уништувањето на Светинаумските извори. Еутрофикацијата, една од најкритичните закани по езерскиот екоситем, не се третира како проблем експлицитно и не е адресирана со неопходната сериозност.

Најверојатно, документот го достигнува своето дно во анализата на кумулативните влијанија кои ги сведува на пејзажни ефекти за железницата Струга – Лин, патот Требеништа – Струга и далекуводот. Многубројни проекти кои подразбираат огромни градежни зафати, со голема веројатност да бидат реализирани во скоро време – не се вклучени во Планот ниту во СОЖС. Такви примери се низа градежни зафати во Горица и Лагадин; изградба на марина и пристаништа; можноста за изградба на хидроелектрани во близина на Струга; и депонија кај Ќафасан. Истовремено, нема квантификација на аспекти како проценет оптимален број на возила и луѓе (носечка издржливост) за проекти како што се патот А2, Требеништа – Струга (со план до Ќафасан) и железничката пруга Струга – Лин кои не се анализирани од аспект на нивното негативно влијание врз биодиверзитетот, дури и кога се знае дека тоа е од далеку поголемо значење отколку пејзажните квалитети, како од етичка гледна точка, така и воопшто, за интегритетот на наследството.

Една светла точка во документот е неговиот придонес во врска со мониторингот, кој е и внимателно и соодветно осмислен. Доколку се спроведе, тој би можел да овозможи динамична основа на знаења со што би се подобрило носењето на одлуки и можноста за проценка на ефективноста на предложениот Акциски план. Но, и покрај ова, во СОЖС не се демонстрира како овие алатки за мониторирање би биле вклучени во Планот за управување, што е типично за неповрзаниот пристап на СОЖС кон предметот на евалуација, односно Планот за управување.

Исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион, еден од само триесет и девет локалитети на мешано (природно и културно) светско наследство на планетата Земја, заслужува да биде препознаена и заштитена со План за управување изработен според светски стандарди. Предложениот План за управување е многу под нивото на очекуваниот квалитет.

Иако во Планот за управување точно се идентификувани најголем дел од заканите по Регионот, тој изобилува со слабости и нејаснотии од зонирањето до индикаторите, од матните буџети до недостиг на специфични мерки. Во Акцискиот план, каде што не се адресираат сите препознаени проблеми, не се нудат веродостојни применливи активности кои би придонеле овие закани да се надминат или намалат. Недостатоците произлегуваат од несоодветниот начин на кој целите се поставени во Планот за управување. Поточно, во целите не се вклучени мерки за активно обновување на живеалиштата, екосистемите и популациите на видовите, премногу се нагласуваат мерките за зачувување на хартија и се продолжува со тој пристап и во индикаторите за предложените активности кои се, исто така, во најголем дел несоодветни за да гарантираат успех во насока на зачувување на наследството.

Недостигаат детали и транпарентност дури и за оние активности кои се добро замислени – како на пример ревитализација и проширување на системот за отпадни води или ревизија на законите поврзани со заштита на наследството. Предложените буџети не содржат никакви детали за да може да се види како точно ќе се користат предвидените суми кои се многу високи; нема временски пресек за долгорочните проекти и не се појаснети ниту поткрепени со докази; интерни крајни рокови според кои би се мерел успехот не се предвидени; нема механизми за отчетност и одговорност; ниту се во Планот идентификувани специфичните аспекти на законите кои би требало да се ревидираат.

Пропуштена е можноста со Планот за управување да се адресира недостигот од специфични мерки за заштита на видовите, како на пример забрана за риболов на пастрмка и белвица; недостигот од квантитативно прецизирани цели за да се намали внесот на нутриенти; немањето мерки со кои ќе се овозможат големи зафати за ревитализација и создавање на блатни екосистеми; пропуштено е да се препознае важноста на Охридскиот Регион како рефугиум во ерата на климатски промени; и дефицитот на митигациски и контролни механизми за работата на браните за хидорелектраните во регионот.

Истовремено, од мапите за зонирање не може да се добие прецизна информација; не се гледа разликата меѓу крајбрежните зони 1Б и 1В; нема точен опис кои активности ќе бидат дозволени, а кои забранети и во кои зони; Студенчишкото Блато според текстот е сместено во урбаната зона, а според мапата е во зона на природно наследство со најнизок степен на заштита; Горица е резервирана за големи градежни зафати; не се воспоставуваат заштитни зони во Езерото; се дозволуваат урбана опрема, туристичка инфраструктура и времени објекти во зони со висок степен на заштита и покрај тоа што овие термини се сосема непрецизни, а истите се поврзани со деструктивните практики во минатото; нема наведено ограничувања за користење на пловила и пловен сообраќај; и Планот е неодреден во однос на иницијативите за пристаништа и марини. Со зонирањето на крајбрежјето и предвидените мерки на заштита, се допушта узурпација на брегот и се остава голем простор за манипулација. Непознато е како ќе биде овозможено проширување на зоната со најстрога заштита.

За овие проблеми требало да се интервенира со постапката на Стратегиска оцена на Планот, но со СОЖС се пропушта да се направи тоа и документот не претставува коректив на Планот како што препорачува УНЕСКО. Ако овие и другите недостатоци не се адресираат и соодветно не се решат до продуцирањето на неговата конечна верзија, извесно е дека Планот за управување нема да обезбеди одржлива иднина за светското наследство во Охридскиот Регион, ако воопшто и се реализира како што е замислен.

Во однос на заштитата на културното наследство, во Планот недостигаат прецизни податоци, мапите се некомплетни и нечитливи, нелогични, важни информации поврзани со културното наследство не се споменати. Тие што се наведуваат најчесто не се детално објаснети, недостигаат основни податоци како години, локации. Не се споменуваат преродбенскиот период, модерната и современата архитектура. Во некои делови се даваат паушални, непроверени, неаргументирани предлози и ставови кои сериозно може да ги загрозат управувањето и заштитата на културното наследство. Со самиот План е потребно прецизно да се идентификува што се смета за наследство, а нема ниту листа на објекти кои се споменици на културата или кои не се, а треба да бидат. Преродбенските споменици, еклектичната и модерната архитектура се заведени како „и така натаму“. Со Планот само се набројува што би требало да има или да се сработи, без воопшто да се дадат насоки како да се направи тоа. Разочарувачки се неквалитетот и несериозноста со кои е разработуван Планот во поглед на културното наследство, треба уште многу работа, прецизирање, дополнување на делови кои недостигаат, измена на погрешни и комплетирање на некомплетни податоци.

Имајќи го предвид сето горенаведено, упатуваме категорично барање до надлежните да ги повлечат непрофесионално изработените документи и да ја започнат процедурата за нивно конципирање од почеток. Власта мора да престане да се однесува дилетантски и на проблемот да му пристапи со сета негова сериозност, што значи професионално да ги изработи Планот и СОЖС, со експерти од највисок калибар, со помош од ИУЦН и ИКОМОС, и со „широка консултација со засегнати страни“ во вистинска смисла на зборот. Државата го сака престижот на титулата „Светско наследство на УНЕСКО“ и следствено е обврзана да испорача План за управување од највисок квалитет, соодветен за Охридскиот Регион, еден од само 39 во светот кој се обврзала да го заштитува и унапредува.

%d bloggers like this:
search previous next tag category expand menu location phone mail time cart zoom edit close