OKT 2018: Интервју со Марта Пејоска и Биби Клекачкоска по повод изложбата на накит испириран од охридските дијатомеи претставен на овогодинешното издание на Охридско Лето.
Како дијатомеите станаа инспирација за вашите креации на накит? Зошто ве заинтересира токму овој вид?
Дијатомеите визуелно како форми и нивното присуство во Охридското Езеро ни беа познати од поодамна, меѓутоа кон крајот на минатото лето се заинтересиравме да направиме нешто поконкретно со нив. Заинтригирани најпрво од нивниот изглед почнавме подетално да ги проучуваме и посакавме да ја раскажеме нивната приказна низ нашиот јазик, накитот.
Што беше највозбудливо што научивте за дијатомеите низ овој проект?
Нивната форензичка “работа” (smiley)… Податокот дека на планетарно ниво (бидејќи живеат и во слатки и солени води) се заслужни за барем четвртина од кислородот создаден со фотосинтеза. И секако воодушевувачки е фактот дека според нив може да се датира староста на водата, односно дека некои од нив постојат многу долго на овие простори.
Како вашата работа го промени начинот на кој гледате на Охридското Езеро и неговите екосистеми?
Интересирајќи се за дијатомеите научивме многу нови нешта и дознавме многу факти за Охридското Езеро. Преку дијатомеите езерото ни стана уште поблиско, уште посакано и уште повеќе ја разгори желбата за борба за неговата заштита.
Која е вашата омилена креација од дијатомеите и зошто?
Едногласно тоа се двата брошеви инспирирани од дијатомејот Cyclotella. А зошто? Тоа внатрешно чувство на воодушевеност мислам дека ќе си го задржиме секоја за себе (smiley).

Што беше најтешко при подготвувањето на колекцијата Скриено, чудесно?
Најтешко беше да се одберат само неколку од скоро 800 различни видови на дијатомеи за понатамошна работа. Истовремено беше огромен предизвикот да се дизајнира според ликот на овие видови кои веќе така совршено ги создала природата, а да не се падне во замка на буквална репрезентација.
Како беше да се соработува со меѓународниот експерт за дијатомеи, Златко Левков?
Соработката и со проф. Левков и неговиот тим, како и со Охридскиот Хидробиолошки завод беше одлична. Од проф. Левков добивме купишта материјали и високо квалитетни фотографии без кои нашиот проект ќе беше невозможен. Бескрајно сме му благодарни на неговиот тим и нему што без задршка и со голем ентузијазам нè поддржаа во овој проект и сè уште ни стојат на располагање.
Како ја постигнавте рамнотежата помеѓу креативната експресија и научната автентичност?
Првенствено со многу истражување и читање за дијатомеите, а потоа секако со потпирање на нашите сетила и на она што ние најдобро знаеме да го правиме, а тоа е дизајнирањето. Концептот беше јасно дефиниран, да дизајнираме и изработиме наша 3Д претстава на избраните видови дијатомеи (според микроскопските слики кои ги имавме) како публиката полесно би ги перципирала и запамтила. Во процесот издвојувавме и употребувавме и детали, кои од дизајнерски аспект ни беа интересни, притоа истакнувајќи ги битните структурни аспекти на конкретниот дијатомеј. Нашата фантазија се базираше на морфолошките карактеристики на единката која ја обработувавме. Тоа што истовремено сме и дизајнери и реализатори (изработувачи) ни даде поголема слобода во изразот и леснотија во целиот процес.
Кои се вашите очекувања од оваа изложба? Каква порака се надевате луѓето да понесат од неа?
Овој наш проект на тема Дијатомеи, кој резултира со изложба на современ накит во рамките на овогодинешното Охридско лето, претставува еден наш скромен придонес кон подигнување на свеста кај публиката за битноста на нашето Охридско Езеро. Оваа природна реткост, која е и една од најстарите во светот и која претставува привилегија која ние ја имаме во нашиот “двор” е и те како вредна човек да се бори за неа, за нејзина заштита и вреднување какво што заслужува. Ние тоа го направивме на наш начин, во полето на нашето делување. Ако ништо друго, доволно е името Дијатомеи да почне да пулсира во менталанта мапа на колективот, со надеж дека одреден процент и подлабоко ќе се заинтересира за нив, со тоа и за целиот еко систем, што ќе резултира со зголемено чувство на грижа и припадност кон ова природно поднебје на кое живееме.

Дали имате планови да вклучите други мотиви од Охридското Езеро во вашата понатамошна работа?
Овој проект не застанува тука. Имаме неколку идеи како да го развиеме за да продолжи да живее понатаму и да се шири. Дијатомеите претставуваат за нас широко поле за работа и истражување, така што сега за сега се задржуваме на нив.
Што за вас претставува и како го доживувате Охрид и Охридското Езеро?
Марта: Охрид е мојот дом, а Охридското Езеро мојата природна средина во/со која сум израстена. И не само Езерото, туку и Галичица и Јабланица, кои целосно ја оформиле мојата детска поетска слика за местото на живеење. Чувствата на спокој и себе исполнетост ги наоѓам токму тука. Што повеќе дознавам и се едуцирам за битноста на овој еко систем толку повеќе кај мене се буди чувството на засегнатост и прашањето дали јас со моите секојдневни постапки придонесувам за заштитување на околината или го правам токму спротивното?! Според мене, секој поединец треба да работи на својата индивидуална свест првенствено за средината во која живее и работи (како урбаната така и природната, како една целина) и за тоа што се случува со неа, нејзиното унапредување и заштита, посебно денеска кога човечкиот фактор игра клучна улога во тоа.
За повеќе скриени, чудесни нешта ѕирнете во инстаграмот на Марта Пејоска и веб-страната на Биби Клекачкоска.
Насловна фотографија: брош инспириран од Navicula subviridula.